Предлогот, по наредба на премиерот во оставка Росен Желјазков, бил даден за време на телефонски разговор помеѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и неговиот македонски колега, Тимчо Муцунски, во кој било нагласено дека обезбедувањето помош е израз на добрососедство и солидарност и оти има за цел да обезбеди енергетска безбедност и стабилности во регионот
Бугарија ѝ понудила на Македонија да ја снабдува со мазут и да ѝ помогне на земјава во надминувањето на кризната состојба во снабдување со електрична енергија што беше прогласена вчера од страна на македонската Влада на целата територија на државата.

Имено, како што јавуваат бугарските медиуми, по наредба на премиерот во оставка, Росен Жељазков, министерот за енергетика Жечо Станков извршил проверка на залихите на мазут во земјата, при што било утврдено дека на територијата на Бугарија има доволни количини мазут за потребите на земјата, поради што може ѝ понуди на Република Северна Македонија итни залихи од горивото.
„Врз основа на утврдените доволни количини, бугарската влада ѝ понуди на Република Северна Македонија итни залихи на котелско гориво (мазут) со цел да ѝ помогне на земјата во условите на вонредната состојба прогласена вчера“,
пренесува бугарската национална телевизија – БНТ.
Според тамошните медиуми, предлогот, по наредба на Жељазков, бил даден за време на телефонски разговор помеѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев со својот македонски колега, Тимчо Муцунски.
Бугарската страна, како што се наведува, изразила подготвеност да помогне во обезбедувањето на потребните количини мазут, почитувајќи ги притоа техничките и логистичките можности.
За време на разговорот меѓу Георгиев и Муцунски било нагласено дека обезбедувањето помош е израз на добрососедство и солидарност и оти има за цел да обезбеди енергетска безбедност и стабилности во регионот.

Предлогот на Бугарија, доаѓа откако македонската Влада на вчерашната седница, на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата во рок од седум дена од денот на влегување во сила на одлуката.
Државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) минатата недела преку писмо побара од Владата да прогласи кризна состојба на пазарот со струја поради секојдневните блокади на грчките земјоделци, што ја отежнува доставата на енергенти потребни за производство на електрична енергија и побара од Владата да се користат државните резерви.
Засега нема информација од Владата или од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија дали е прифатена понудата од соседна Бугарија.
Одлуката за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија наиде на жестока реакција од опозициските партии во земјава.
Од Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) вчера, а и денеска обвинуваат дека настаната ситуација не е последица на протестот на грчките земјоделци, туку на неспособноста на Владата во управувањето со енергетскиот сектор во државата и „криминалните тендери“.
Според опозициската партија, за само една и пол година Владата предводена од Христијан Мицкоски ја довела државната енергетска компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) до финансиски и производствен колапс, а како што додаваат оттаму, ситуацијата е особено загрижувачка оваа година бидејќи се бележи историски најниско производство на домашна струја.
За да се надминат овие загуби, велат од „Бихаќка“, власта купува скапа струја од увоз, за многу повисоки цени, отколку што тоа би било доколку ЕСМ ја произведе таа електрична енергија дома, што на крајот се удира од грбот на граѓаните, кои ќе плаќаат повисоки сметки за струја.
