Нападот се случил додека полицискиот службеник извршувал работни задачи – регулирање на сообраќајот за време на одржување протест

Дваесет и четиригодишен скопјанец е лишен од слобода откако вчера попладне физички нападнал полициски службеник додека бил на должност во близина на Бит-пазар.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил во 15:10 часот, на крстосницата помеѓу булеварот „Никола Карев“ и улицата „Македонско-косовска бригада“.
Нападот се случил додека полицискиот службеник извршувал работни задачи – регулирање на сообраќајот за време на одржување на протест. Осомничениот А. С. (24) физички го нападнал службеникот, по што бил приведен од страна на припадници на СВР Скопје.
Повредениот полицаец бил пренесен во старата градска болница „Св. Наум Охридски“, каде што му биле констатирани телесни повреди.
„По целосно документирање на случајот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“,
соопштуваат од МВР.
