„Се поставува прашањето, зошто не се планирало добро? Зошто сега се посегнува по државните резерви за мазут, кои не се ниту примарен материјал што се користи за производство на струја? Зoшто добро не се менаџира овој систем? Зошто 110 милиони евра е задолжена државната компанија ЕСМ? Тука лежат причините за катастрофалното менаџирање на целокупниот овој систем. И сега ние сме соочени со увозна и многу скапа струја, која знаеме дека во зимскиот период уште повеќе поскапува, и сето тоа ќе го плаќаат граѓаните, за жал“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче
Криминални политики со тендери и неспособноста на Владата во менаџирањето на енергетскиот сектор се двете причини поради кои сите граѓани на Македонија ќе плаќаат поскапа струја и поради што се воведува кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата во рок од седум дена, реагираат од Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ).

Според опозициската партија, за само една и пол година Владата предводена од Христијан Мицкоски ја довела државната енергетска компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) до финансиски и производствен колапс, а како што додаваат оттаму, ситуацијата е особено загрижувачка оваа година бидејќи се бележи историски најниско производство на домашна струја.
Од СДСМ тврдат дека наместо планираните 5 100 гигават-часа електрична енергија, домашните капацитети оваа година произвеле помалку од 3 000 гигават-часа.
За да се надминат овие загуби, велат од Бихаќска, власта купува скапа струја од увоз, за многу повисоки цени, отколку што тоа би било доколку ЕСМ ја произведе таа електрична енергија дома, што на крајот се удира од грбот на граѓаните, кои ќе плаќаат повисоки сметки за струја.
„Колку ги чини тоа граѓаните? 77 милиони евра е официјална загуба за само првите два квартали од 2025 години, со проекција од над 100 милиони евра загуба до крајот на 2025 година. Дополнително, над 110 милиони евра ЕСМ има земено нови кредити за само 18 месеци. Тоа се над 200 милиони евра! Дали сега е јасно?“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Според опозициската партија, во случајот не станува збор за „надворешна криза“, поврзана со протестите на земјоделците во Грција, туку за внатрешно предизвикана катастрофа, која, како што велат, е резултат на криминални тендери, скап увоз на струја и неспособноста на власта на Мицкоски.
Клучното прашање според СДСМ е зошто навреме не се обезбедени енергенси, односно зошто среде зима нема најмалку 300 000 тони јаглен, како основен услов за сигурно зимско производство.
„Зошто мазутот не е набавен навреме, туку сега панично се бара решение? Прашуваме: Дали постои веќе избрана фирма за снабдување со мазут? Затоа се прогласува кризна состојба и затоа власта удри по џебот на граѓаните. Нема пари, има буџетска дупка од една милијарда евра, но не се откажува од криминалните тендери и скапиот увоз на струја, а сега и на мазут. Сметката за ова на крај ја плаќа народот, сите граѓани на Македонија“,
велат од СДСМ.
За поскапувањето на струјата од 1 јануари следната година, денеска говореше и претседателот на СДСМ, кој на прес-конференцијата во Собранието за медиумите изјави дека причината за зголемување на цената на електричната енергија е катастрофалното менаџирање на енергетскиот систем во земјата од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ништо не е постигнато од проекциите и задачите кои што оваа влада си ги дала сама на себе. Треба да се произведат над 5 000 гигават часови струја, не се произведени ниту половина. Како половина од хидроенергетскиот потенцијал изминатата година да не работел, ете толку струја недостасува во нашиот енергетски систем. Таа струја е замената со увозна скапа електрична енергија. Наместо да се произведува и наместо РЕК ‘Битола’, ‘Осломеј’ и Неготино да работат и да произведуваат струја, која што државата ќе ја чини 80-90 евра мегават час. Ние купуваме струја за 140 евра мегават часови“,
рече Филипче.
Тој додаде дека паралелно не е обезбедена доволна количина на реагенси во изминатата година.
„Се поставува прашањето, зошто не се планирало добро? Зошто сега се посегнува по државните резерви за мазут, кои што не се ниту примарен материјал кој што се користи за производство на струја? Зашто добро не се менаџира овој систем? Зашто 110 милиони евра е задолжена државната компанија ЕСМ? Тука лежат причините за катастрофалното менаџирање на целокупниот овој систем. И сега ние сме соочени со увозна и многу скапа струја, која знаеме дека во зимскиот период уште повеќе поскапува, и сето тоа ќе го плаќаат за жал, граѓаните“,
изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ најави дека партијата наскоро ќе излезе со конкретни предлози и решенија, за да им се помогне на граѓаните со ваквите ценовни шокови, но, како што додаде, не очекува тие да бидат поддржани од власта како што тоа било случај со други иницијативи на опозицијата.
„Не очекувам дека ова власт ќе ги подржи, исто како што не ги поддржа ни законските решенија за намалувањето на ДДВ, кога беше во фокусот на јавноста цената на потрошувачката кошничка, понатаму минималната плата, субвенциите за компаниите во случај на раст на минималната плата. Сметам дека немаат слух за решенија, кои што им се и тоа како потребни на граѓаните да ја пребродат оваа финансиска криза, која што ја има секое семејство, која за жал во последните месеци уште повеќе ќе се влошува“,
рече претседателот на СДСМ.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, денеска на прес-конференција ги соопшти новите повисоки цени на електричната енергија во сите четири блока, кои ќе стапат во сила од 1 јануари следната година.
Според Бислимоски, за 85 отсто од домаќинствата сметките ќе пораснат во просек за 2,28 проценти и просечната сметка за струја ќе биде повисока за 57 до 70 денари.
Попладнево од Владата соопштија дека на денешната седница, на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, била донесе одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука.
„Како што информиравме во текот на претходните денови, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството. Задолжителните резерви на нафтен дериват ќе се отстапат без надоместок, а АД ЕСМ за трошењето на нафтениот дериват мазут има обврска да доставува извештај до Владата и до Министерство за финансии“,
се наведува во соопштението на Владата.
АД ЕСМ минатата недела преку писмо побара од Владата да прогласи кризна состојба на пазарот со струја поради секојдневните блокади на грчките земјоделци, што ја отежнува доставата на енергенси потребни за производство на електрична енергија и побара од Владата да се користат државните резерви.
