Околу 19 600 гледачи во центарот „Касеја“ сведочеа на боксерскиот спектакл ноќеска во Мајами
Со нокаут во шестата рунда, поранешниот шампион во супертешка категорија Ентони Џошуа го победи шоуменот и боксер Џејк Пол. Пол бил хоспитализиран со повредена вилица по борбата.
„Скршена вилица. Ви благодарам за поддршката, добар сум“,
објави Џејк Пол на социјалните мрежи.
Борбата се одржа ноќеска во Мајами.

Мечот започна со внимателно мерење на силите, но двократниот шампион брзо ја презеде контролата и во петтата рунда двапати го прати Пол на подот. На почетокот од шестата рунда, Џошуа го затресе противникот со десен аперкат, а потоа со комбинација во главата го принуди повторно да падне. Иако Пол успеа да стане, четвртиот пад беше пресуден. Околу 19 600 гледачи во центарот „Касеја“ сведочеа на спектаклот.
„Пол имаше тежок период во рингот, но постојано стануваше, продолжуваше да се бори. Само вистински мажи можат да го прават тоа“,
рече поранешниот шампион Џошуа по борбата.
Дваесет и осумгодишниот Пол има биланс од 12 победи и 2 порази.
Британецот Ентони Џошуа сега има биланс 29 победи и 4 порази.
