Заштитната опрема го сведува ризикот од зараза на минимум, вели министерот за здравство Венко Филипче на прашањето како би гласале на избори лицата позитивни или сомнителни на ковид-19.
Вели, доколку тие гласаат во домашни услови на денот на гласањето, ќе асистираат и медицински лица и уверува дека со соодветна заштита нема опасност од трансмисија на вирусот.
„И за тоа има протоколи во однос на користењето маски и заштитни ракавици. Тоа е процес којшто е безбеден и ако има потреба тоа да биде во домашни услови ќе стоиме на располагање да дадеме дел од медицинскиот кадар од локалните центри за јавно здравје со цел тие протоколи добро да се спроведат и да не се доведе било кој учесник во избирачкиот процес во ризик. Во таа смисла и трансмисијата преку предметите како пенкала, хартија, со редовна дезинфекција апсолутно се сведува ризикот од пренос на болеста на минимум“,
рече Филипче.
Тој апелираше сите учесници во подготовката на изборите да се придржуваат до препораките од Комисијата за заразни болести. Во таа насока вели имале и средба со Државната изборна комисија и ја запознале со новите протоколи.
„На средбата со ДИК беше укажано на принципите врз основа на кои беше направен протоколот и одговоривме на дополнителни прашања. Протоколот е правен врз основа на медицински оправдани аргументи. Одржување дистанца, маска и дезинфекција на раце е нешто што каков било процес го прави безбеден“,
рече Филипче.