Осомничениот напаѓач е меѓу загинатите, откако падна од зграда во прометна шопинг-населба за време на полициска потера
Најмалку четири лица се убиени, а повеќемина се повредени кога маж со нож и димна бомба нападна случајни минувачи во главниот град на Тајван, Тајпеј, пренесува Си-ен-ен.

Напаѓачот прво фрлил димна бомба во близина на излезот од подземната станица на метрото во Тајпеј, по што пешаците почнале да бегаат, а потоа избол неколку луѓе во трговски центар во градот.
Осомничениот напаѓач е меѓу загинатите, откако падна од зграда во прометна шопинг-населба за време на полициска потера.
Нападот се случил на Главната станица во Тајпеј, во време на попладневниот сообраќаен метеж.
Според полицијата, напаѓачот фрлил димни бомби во станицата, а потоа се упатил кон блискиот кварт Џонгшан, познат по шопинг и ноќен живот.
На видеата од настанот, објавени на социјалните мрежи, се гледа како млад човек облечен во црна маица, шорцеви, патики и маска стои на средина од главниот пат пред метро-станицата Џонгшан, вади димни бомби од торба и ги фрла кон толпата.
Снимката, исто така, го покажува истиот маж како влегува во трговски центар, каде напаѓа случајни минувачи со долг нож.
Градоначалникот на Тајпеј, Чианг Ван-ан, изјави дека еден од загинатите се обидел да го запре напаѓачот во Главната железничка станица во Тајпеј.
Напаѓачот е идентификуван како Чанг Бен, маж на 27-годишна возраст од округот Таојуан во северен Тајван, кој имал криминално досие.
Според локалните медиуми, бил волонтер во Воздухопловните сили, каде служел во радиокомуникациски тим во близина на аеродромот Сонгшан во Тајпеј, но бил отпуштен од службата во 2022 година.
Наводно, бил баран и за спречување на воена служба, откако не се јавил на должност во 2024 година.
Премиерот на Тајван, Чо Јунг-таи го опиша нападот како намерен чин на насилство, додавајќи дека мотивот се уште не е познат.
Претседателот на Тајван, Лаи Чинг-те, изјави дека безбедносните мерки низ целата земја ќе бидат зајакнати, посочувајќи дека нема да има толеранција за вакви напади.
Насилните злосторства се релативно ретки во Тајван, иако во последниве години имало низа напади во јавниот превоз, што предизвикало загриженост кај јавноста. Во некои возови на метрото се прикажуваат едукативни видеа за тоа како граѓаните да се одбранат од напаѓачите со користење чадори или противпожарни апарати.
