Јавен обвинител предложи мерката притвор за двајцата обвинети да им биде заменета со мерки на претпазливост, бидејќи прибирањето докази е завршено, а тие немаат можност да влијаат на постапката. За обвинетиот управител со отпад, кој се уште е вработен во претпријатието, предложена е дополнителна мерка, односно привремено отстранување од работното место
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против ексдиректорот на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми, и за управителот на секторот за управување со отпад во скопското комунално претпријатие, Аки Саити, дека како созивршители сториле кривично дело – загрозување на животната средина и природата со смет.

Двајцата обвинети, според истрагата спроведена во текот на октомври годинава, со пропуштање на вршење надзор над собирањето, транспортирањето и со непрописното управување со отпадот можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата, опасност за животот или здравјето на луѓето, како и уништување на растителниот и животинскиот свет во поголеми размери.
Како што се вели во образложението за поднесеното обвинение, поранешниот в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“ постапил спротивно на Статутот на претпријатието, на Законот за комунални дејности и не ги спроведувал одлуките и заклучоците на Управниот одбор.
Според обвинението, тој не се грижел за спроведување на деловната политика на претпријатието, не ги извршувал работите од неговиот делокруг на работа, не учествувал во утврдување на критериумите за користење и распоредување и за управување со средствата остварени со работењето и не го следел и анализирал извршувањето на плановите и договорените обврски и не преземал мерки за нивно остварување, а не обезбедил мерки за заштита на животната средина.
„Како директор на јавно претпријатие кое е давател на комунална услуга бил должен, но сепак давањето на комуналните услуги не го вршел постојано и квалитетно и не се грижел да ги одржува во функционална и исправна состојба објектите, опремата и уредите“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Заедно со вториот обвинет, вработен како управител за отпад, со умисла постапувале спротивно на Законот за животна средина и на Законот за управување со отпад, не преземајќи мерки и активности за заштита на животната средина, а не ги спроведувале плановите и програмата за управување со комуналниот отпад на подрачјето на Градот Скопје.
„Поради неизвршување на основната дејност за редовно собирање и транспортирање на безопасен отпад, ниту побарале измена на Оперативниот план и Оперативната програма, обвинетите овозможиле да се создадат депонии на јавни и на сообраќајни површини со одлагање на комуналниот отпад во непосредна близина на предвидените садови за собирање“,
пишува во обвинението.
Јавен обвинител предложи мерката притвор за двајцата обвинети да им биде заменета со мерки на претпазливост, бидејќи прибирањето докази е завршено, а тие немаат можност да влијаат на постапката.
За обвинетиот управител со отпад, кој се уште е вработен во претпријатието, предложена е дополнителна мерка, како забрана за преземање на определени работни активности што се поврзани со кривичното дело, односно привремено отстранување од работното место.
Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје на почетокот на ноември ги одби жалбите на одбраните и го потврдил притворот на поранешниот в.д. директор на „Комунална хигиена“, и на управителот за отпад во јавното претпријатие.
Инаку, против поранешниот в.д. директор на скопското комунално претпријатие и управителот за отпад, ОЈО Скопје во октомври отвори истрага откако главниот град беше преплавен со смет.
Ситуацијата предизвика и политички препукувања меѓу двата круга од локалните избори.
