Под реден број 1 на гласачкото ливче ќе бидат кандидатите од коалицијата ВЛЕН, а по нив следуваат од „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Трети на ливчето ќе бидат кандидатите од „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), а четврта ќе биде коалицијата на СДСМ. Група избирачи – подносител Зулхајрат Демири се под број пет, а шестката се Демократската партија на Турците во Македонија

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 162. седница го утврди редоследот на партиите и коалициите на гласачкото ливче за повторените локални избори во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше.
Преку јавна ждрепка беше одреден редоследот на потврдените листи кои ќе учествуваат на изборите закажани за 11 јануари, идната година.
Под реден број 1 на гласачкото ливче ќе бидат кандидатите од коалицијата ВЛЕН, а по нив следуваат од „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Трети на ливчето ќе бидат кандидатите од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), а четврта ќе биде коалицијата на СДСМ. Група избирачи – подносител Зулхајрат Демири се под број пет, а шестката се Демократската партија на Турците во Македонија.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, нагласи дека описите на избирачките места ќе бидат јавно објавени на нивната веб-страница. Иако локациите се исти како на претходните избори, законска обврска е граѓаните да бидат повторно и навремено информирани.
Паралелно со ова, ДИК го усвои планот за едукација на изборните одбори. Седум сертифицирани обучувачи ќе ги поминат обуките со сите членови на одборите во четирите општини каде што се гласа.
На седницата беа дефинирани и локациите за билборди и рекламни паноа понудени од пет компании, каде кандидатите ќе можат да ја претстават својата програма. Исто така, беше донесена одлука за исплата на толкувачи на знаковен јазик.
„ДИК навремено ги извршува сите подготовки за организација на повторените избори. Процесот е транспарентен и сите наредни чекори ќе бидат соопштени јавно“,
изјави Кондарко.
