Со тоа, како што појаснуваат од Апелација, во сила останува мерката притвор определена по сите основи од член 165 од Законот за кривична постапка, сметано од денот на пронаоѓањето и лишувањето од слобода на осомничениот

Апелацискиот суд Скопје ја одби жалбата на осомничениот Љупчо Пецов од Неготино во случајот „Синџир“ и го потврди решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое е одбиен предлогот за укинување на мерката притвор и определување мерка гаранција.
Како што информираат од Апелацискиот суд, Кривичниот совет со решение КСЖ-1214/25 од 02.12.2025 година едногласно одлучил да ја одбие жалбата на осомничениот Љупчо Пецов од Неготино и го потврдил решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое е одбиен предлогот за укинување мерка притвор и определување мерка за обезбедување присуство на осомничениот – гаранција.
Со тоа, како што појаснуваат од Апелација, во сила останува мерката притвор определена по сите основи од член 165 од Законот за кривична постапка, сметано од денот на пронаоѓањето и лишувањето од слобода на осомничениот.
„Понудената гаранција во услови кога мерката притвор е определена и опстојува и по основот од точка 2 од член 165 став 1- ’постои основан страв дека ќе ги сокрие фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците вештаците соучесниците или прикривачите’, не е дозволена и како таква законски не била предмет на разгледување и одлучување од страна на советот на овој суд“,
се наведува во соопштението од Судот.
По завршување на жалбената постапка Решението на Апелацискиот суд е доставено до Основниот кривичен суд на 11.12.2025 година на понатамошно постапување.
Од Судот велат дека одлуката со образложението во целост ќе биде достапна на веб-страницата на судот, согласно Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
Инаку, овој предмет стана актуелен по истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во која е приведен поранешниот државен правобранителот Фехми Стафа за примање поткуп од 50 000 евра.
Како што информира вчера МВР, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година осомничениот примил вкупен износ од 50 000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание за да интервенира кај судија во Апелацискиот суд Скопје и со поткуп кон судијата да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Стафа, кој е адвокат на Пецов во овој случај, пред неколку месеци поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, за што била понудена и гаранција. Инаку, Пецов е недостапен за органите на прогонот.
Пецов е еден од осомничените за финансиски криминал во „Синџир“, случај што беше отворен кон крајот на октомври 2023 година. Во истрагата беа опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 фирми, осомничени дека создале шема за даночно затајување, преку која со издавање фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои не постоеле, го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра.
