Во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1, Венко Филипче одговара и на прашањето зошто требаше да поднесе оставка целото раководство освен лидерот

Новите членови на раководството и на Извршниот одбор на СДСМ ќе бидат соопштени утре, за кога е закажана седница на Централниот одбор, вели лидерот на партијата Венко Филипче во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Извесно е, според Филипче, дека позицијата генерален секретар ќе ја задржи Александар Саша Димитријевиќ и дека еден од потпретседателите ќе биде ортопедот кој беше кандидат за градоначалник на Аеродром, Александар Трајановски.
„Еден од најголемите предизвици кога се прави тим е да се обезбеди комбинација на искусни луѓе, што секако ќе ги има, и на млади луѓе коишто сакаат да се развиваат, да работат во таа сфера. И тој предизвик не е само во политиката, туку насекаде – да се обезбеди смена на генерации. Тука да бидат искусните и старите, да знаат дека не им е завртен грбот, дека секогаш е отворена вратата, дека имаат со кого да работат, на кого да го пренесат своето знаење и искуство. И таков еден тим сега ќе се формира и ќе се официјализира утре“,
вели Филипче.
На прашањето зошто тој е единствениот од раководните структури на партијата кој не поднесе оставка по поразот на локалните избори, Филипче вели дека функцијата ја презел неодамна.

Филипче: Па добро, гледајте, мојот мандат од четири години започна пред неколку месеци. Севкупниот мандат пред година и пол. Ја затекнав партијата во навистина тешка ситуација, по тежок пораз во којшто голем број од луѓето беа разочарани, летаргични итн. Требаше многу време да се сменат работите, да се разговара со илјадници наши членови и симпатизери. И тоа не е процес којшто може да се случи преку ноќ. Никој не може да очекува дека резултатите ќе дојдат ете така веднаш, дека ќе паднат од небо. Тоа е еден долготраен процес на консолидација којшто вклучува многу активности, којшто има многу различни аспекти. Мојот мандат е четиригодишен…
„360 степени“: Тоа давање шанса нели важи и за овие функционери што си дадоа оставки?
Филипче: Да, да, но гледајте, тие се тука. Никој нема да ја напушти партијата. Секој на свој начин ќе придонесува. Како што кажав, на нивно големо задоволство, без апсолутно никаков отпор, тука се. И тоа го потврдија, без разлика дали ќе имаат или ќе немаат формални функции.
