„Дали не беше за премиерот Преспанскиот договор незавршена работа? Дали немаше никогаш да каже Северна Македонија? Дали ќе си поднесеше оставка ако се утврдеше врска на агенцијата за обезбедување на тој нивен член на ВМРО-ДПМНЕ со дискотеката ‘Плус’? Еве три работи зошто не може да му се верува на човекот“, рече лидерот на СДСМ во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, го повтори тврдењето дека Владата официјално преговарала за прием во земјава на одбиени баратели на азил од Велика Британија.
Повикувајќи се на објави во британските медиуми, тој уште еднаш изрази сомнеж за тоа што го зборува власта.
Филипче: И тоа сето врзано со кредитирањето од шест милијарди евра. Значи, ние земаме мигранти кои не се соодветни, кои се којзнае за што осомничени или осудени и не можат да останат во Велика Британија, Владата ги зема кај нас. Притоа, плаќаме огромни камати за кредити од шест милијарди евра, за проекти што се очигледно подизведување на Србија и на Унгарија и плаќаме огромни камати со генерации, којзнае колку нови што следат. Па каде го има ова? Па ова е еднакво на национално предавство. Владата можеше да демантира. Зошто Владата не ги демантираше тие медиуми во кои излегуваат тие информации? Зошто не одговорила на прашањето на тие медиуми, релевантни, кредибилни, што ја прашале Владата, упатиле прашање – дали вие преговарате официјално? Молчење од страна на Владата.“
„360 степени“: Владата го црпи легитимитетот од овдешните гласачи, не од британските. Претпоставувам дека затоа фокусот на комуницирање на пораките, на демантите, е овде. Добро, не знам зошто не одговориле на британските медиуми, веројатно тие треба да објаснат.
Филипче: Знаеме зошто не одговориле. Затоа што официјално преговарале. Затоа не одговориле… Релевантни британски медиуми, ‘Тајмс’, ‘Телеграф’, кажуваат дека македонската Влада официјално преговарала. Со тие зборови – официјално преговарала да се преземат такви одбиени баратели на азил од Велика Британија. Значи, такво понижување нашите граѓани досега не доживеале. Оваа влада дозволува и влегла во преговори официјални за луѓе кои се одбиени од Велика Британија да бидат примени кај нас.
На прашањето зошто не му се доволни демантите што стигнуваат од власта, па се оди на ескалирање на ситуацијата до ниво да се предлага потпишување резолуција, Филипче рече:
„Дали не беше за премиерот Преспанскиот договор незавршена работа? Дали немаше никогаш да каже Северна Македонија? Дали ќе си поднесеше оставка ако се утврдеше врска на агенцијата за обезбедување на тој нивен член на ВМРО-ДПМНЕ со дискотеката ‘Плус’? Еве три работи зошто не може да му се верува на човекот. Еве сега оваа работа. Но, тоа е само еден дел од причините. Такви изјави има секојдневно“.

Филипче уште еднаш предложи – ако нема ништо од влезот на мигранти, да се потпише нивната резолуција.
Филипче: Ако вели дека нема ништо, нека ја потпишат нашата предлог-резолуција.
„360 степени“: Тие предложија нивна предлог-резолуција.
Филипче: Во таа предлог-резолуција не се спомнати мигранти од Велика Британија. Си играат со зборови – ‘илегални’, ‘легални’ итн. Уште еден обид, а за нас потврда, и за целокупната македонска јавност, дека тие сакаат да го избегнат прашањето, да го превртат, да избегнат од вистинската тема и дефиниција. Што предлагаат тие? Ајде да расчистиме, битно е граѓаните да знаат. Прво, неколку работи што премиерот се обиде да ги изманипулира. Вели – нема да има илегални мигранти. Ќе има ли легални? Второ, кажува, нема да има кампови за мигранти. Може ли да бидат сместени во некакви станови што ќе се прават за нив, а не се кампови? Без разлика каде, во населби или во слободни економски зони. Третата работа, зошто во нивната резолуција, за разлика од нашата, каде точно ставивме до знаење, за да разграничиме дека ние точно зборуваме за луѓе кои не можат да останат во Велика Британија и ќе бидат пратени кај нас – тоа да го спречиме, за да нема трговија со судбини, со луѓе, за пари. Зошто тоа не го потпишат?
Тој рече дека има две опции за расчистување на ситуацијата и отфрли одговорност што темата предизвикала, како што и самиот рече, немир во општеството подигнат на многу високо ниво.
„360 степени“: Вие имате ли одговорност за тоа?
Филипче: Како можеме да имаме ние? Ние не сме преговарале да доаѓаат мигранти кај нас.
„360 степени“: Со кревањето на темата на ваков начин.
Филипче: Па, граѓаните мора да знаат што се случува. Ние имаме одговорност пред граѓаните да ја соопштиме вистината. А притоа Владата не прави вистински чекори да нè демантира. Еве ги опциите со кои ќе спласне немирот кај граѓаните и во општеството. Прво, нека ги демантираат од страна на Владата британските медиуми или, во најмала рака, нека одговорат на прашањата од кредибилни британски медиуми – ‘Телеграф’, ‘Тајмс’ итн. за тоа дали или не се воделе официјални преговори за да се носат мигранти за пари кај нас. Не одговориле. Втората работа – еве резолуција. Нашата предлог-резолуција во која јасно и точно е дефинирано дека не сакаме да се носат мигранти за пари од Велика Британија и тоа да биде дел од еден голем финансиски пакет, поради тоа што сметаме дека е процес што ќе направи немир во општеството, ќе ја наруши социјалната кохезија. Ќе дојдат луѓе што се неподобни за Велика Британија, може да замислиме за што сè се осомничени или осудени тие луѓе. И тоа се работите што се прават за да се смири општеството. Не може да се влече легитимитет од каков било број на гласови и притоа тоа да се злоупотреби, да се прави што сакаат. Тоа се случува со ВМРО-ДПМНЕ. Добиле еден одреден број гласови и сега што му кажуваат на народот и на граѓаните? Шамар. Вие гласавте, гледајте нè сега, нас сè ќе ни помине. Па тоа ли е вистинска власт?
