Од Обвинителството велат дека е наредена обдукција за да се утврдат причините за смртта на бебето, а била побарана и целокупната медицинска документација за породувањето и за медицинскиот третман при раѓањето

Осумдневно бебе од Прилеп вчераутро било донесено без знаци на живот на детското одделение во Општата болница „Борка Талески“. И покрај обидите за реанимација, лекарите констатирале смрт.
Основниот јавен обвинител во Прилеп, Стевчо Биноски, потврди дека е отворен предмет за случајот, а телото на починатото бебе е испратено на обдукција за да се утврдат точните причини за неговата смрт.
Според информациите од СВР Битола, случајот во полицијата бил пријавен вчера во 8:35 часот.
Од Основното јавно обвинителство Прилеп соопштуваат дека е отворен предметот и поради тоа што родилката се породила во прилепската болница, но по само два дена, на нејзино барање, била отпуштена заедно со бебето.
„За случајот бевме известени во 8:10 часот вчера изутрината. На детското одделение се обиделе да го реанимираат бебето, но било безуспешно. Наредив обдукција за да се утврдат причините за смртта на бебето. Побарана е целокупната медицинска документација за породувањето и за медицинскиот третман при раѓањето. По два дена од пораѓањето, родилката на нејзино барање била отпуштена. Ќе се врши вештачење. Во меѓувреме извршен е разговор со родителите и е направен увид во семејството“,
вели Биноски.
Семејството на починатото бебе живее во периферната населба Три Багреми во Прилеп, а осумдневното бебе било нивно трето дете.
