Според обвинителството, осомничениот го искористил моментот кога гостин ја отворил вратата на хотелот и влегол во објектот. Тој се упатил кон собата каде што престојувале оштетената и нејзиниот неподвижен сопруг

Основното јавно обвинителство Куманово отвори истражна постапка против 84-годишно лице под сомнение за сторено кривично дело обид за убиство од ниски побуди. Осомничениот се товари дека на 4 декември, со умисла се обидел да лиши од живот една жена во хотел во Куманово.
Според обвинителството, осомничениот го искористил моментот кога гостин ја отворил вратата на хотелот и влегол во објектот. Тој се упатил кон собата каде што престојувале оштетената и нејзиниот неподвижен сопруг.
Кога жената го забележала, таа станала и се упатила кон вратата за да го спречи да влезе. Во тој миг, осомничениот извадил нож и ја удрил во пределот на главата. Ножот му паднал, а оштетената успеала да се тргне и почнала гласно да вика и да бара помош.
Нејзиниот син, кој бил во друга соба, излегол и го спречил напаѓачот.
По предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд во Куманово му определи мерка притвор на 84-годишниот осомничен.
