Забраната внимателно ја следат и други земји кои разгледуваат слични мерки засновани на возраст, поради растечката загриженост за влијанието на социјалните медиуми врз здравјето и безбедноста на децата

Австралија е првата земја што ги забранува социјалните медиуми за деца под 16 години, блокирајќи го пристапот до платформи, вклучувајќи ги ТикТок, Јутјуб, Мета, Инстаграм и Фејсбук.
Забраната стапува во сила од полноќ.
На десет од најголемите платформи, како што пишува Ројтерс, им било наредено да ги блокираат децата од полноќ или да се соочат со казни до 49,5 милиони австралиски долари (33 милиони долари) според новиот закон, кој предизвика критики од големите технолошки компании и застапниците за слобода на говорот, но беше поздравен од родителите и застапниците на децата.
Забраната внимателно ја следат и други земји кои разгледуваат слични мерки засновани на возраст, поради растечката загриженост за влијанието на социјалните медиуми врз здравјето и безбедноста на децата.
Во видеопорака за која австралиските медиуми велат дека ќе се емитува во училиштата оваа недела, премиерот Ентони Албанезе рече дека забраната има за цел да ги поддржи младите Австралијанци и да го намали притисокот што може да дојде од бесконечните канали и алгоритми.
„Искористете ги претстојните училишни распусти максимално. Наместо да го поминувате скролајќи на телефонот, започнете нов спорт, научете нов инструмент или прочитајте ја книгата што веќе некое време стои таму на вашата полица. И важно, поминете квалитетно време со вашите пријатели и вашето семејство, лице в лице“,
рече тој.
