Според него, Светиклиментовото наследство е универзална вредност што ги надминува верски и етничките граници и претставува симбол на знаењето и напредокот
Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска упати честитка по повод државниот празник „Свети Климент Охридски“, посочувајќи дека делото на овој светител претставува темел на писменоста, образованието и духовната култура на македонскиот народ.

„Неговото наследство е универзална вредност што ги надминува верски и етничките граници и претставува симбол на знаењето и напредокот. Овој ден не потсетува дека вложувањеето во образованието, културата, знаењето е најсилниот темел врз кој се гради, стабилна, праведна и демократска држава. Во тие вредности препознаваме заедничка цел, а тоа е силно, обединето и перспективно општество за сите граѓани“,
вели претседателот на Собранието во честитката.
Според него, овој празник треба да биде поттик за уште поголема посветеност кон образованието, науката, толеранцијата и меѓусебното почитување.
Во Собранието денеска традиционално ќе биде доделена државната награда „Свети Климент Охридски“ за 2025 година, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованито, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на државата.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на вчерашната свечена академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“ рече дека како и во Климентово време, потребна ни е заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики.
„Преку владеење на правото и борба против корупцијата, социјална правда и заемна грижа, да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро“,
рече таа.
Според неа, смирението и милоста како две најголеми доблести на охридскиот светител не се само христијански, туку општочовечки и се темелот врз кои е издигнато најголемото и најтрајно дело на Свети Климент.
Но, колку од овие вредности, додаде таа, може да се препознаат во реалниот живот и секојдневните меѓучовечки односи и дали некогаш воопшто ќе се искусат во политичкиот, економскиот и медиумскиот простор.
„Ако сме милостиви, зошто има толку суровост меѓу нас? Зошто, наместо да се сплотиме, ние се поделивме околу најважните прашања од национален интерес? Меѓу последните сме во Европа по нивото на волонтерство и имаме епидемија на малодушност и рамнодушност, вклучително и кон лични и колективни трагедии. Свесна сум дека, делумно, овие состојби се должат и на децениските неправди со кои се соочуваме, особено во нашите евроинтеграции. Направдата раѓа огорченост, гнев, недоверба, песимизам и цинизам. А сето тоа ги поткопува темелите на македонското општество. Токму примерот на Свети Климент нè поучува на отпор против овие појави“,
порача Сиљановска-Давкова во нејзиниот говор.
На свеченоста во Музејот на македонската борба за самостојност присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, министри, пратеници и општественици.
