Во Собранието денеска традиционално ќе биде доделена државната награда „Свети Климент Охридски“ за 2025 година
Во земјава денеска се одбележува 8 Декември – Денот на Свети Климент Охридски. По тој повод ќе се одржат низа настани. Така, пред споменикот на Свети Климент Охридски во дворот на Националната универзитетска библиотека што го носи името на светителот, ќе бидат положени венци цвеќе.

Во чествувањето ќе учествуваат делегации од кабинетот на претседателката на државата, Собранието, Владата, Генералштабот на Армијата, Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), како и претставници на дипломатскиот кор и на политичките партии.
Во Собранието денеска традиционално ќе биде доделена државната награда „Свети Климент Охридски“ за 2025 година, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованито, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на државата.
Годинава, добитници на наградата се академик Витомир Митевски – за остварување во областа на воспитанието и образованието. За остарување во областа на културата и уметноста наградата ќе ја добијат композиторот Живоин Глишиќ и ликовниот уметник Беди Ибрахим.
И МПЦ-ОА го празнува својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец, најпознатиот меѓу повеќето ученици на Светите браќа Кирил и Методиј.
Светиклиментовата дејност била просветна, пастирска и духовна. Животот го посветил на Бог и на народот. Го основал Охридскиот универзитет, првиот словенски универзитет и прв во Европа.
Најголемиот дел од моштите на свети Климент Охридски се чуваат во манастирот „Свети Пантелејмон” на Плаошник во Охрид. Остатоците од черепот се чуваат во манастирот „Свети Јоан Продром” кај Бер, денешна Верија, Грција. Во Софија, пак, има парче од моштите со големина на нокт.
