Иако правото на одбрана е неприкосновено во секоја правна држава, рече тој, еднакво е важно јавниот дискурс, како што кажа, да биде чувствителен кон жртвите, кон семејствата и заедницата која минува низ долготрајна траума

Како што почна така и заврши денешното рочиште од судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Со пораки од родители на загинатите.
Пред почетокот на рочиштето тие го поставија транспарентот со фотографии од сите загинати и пораката „16.03.2025 – 63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда”. Со ова како што рекоа сакаат да реагираат на изјавите од претходното рочиште со кои сите 35 обвинети физички лица се изјаснија дека не се чувстуваат виновни, а трите фирми ги отфрлија наводите во обвинението.
По завршувањето на рочиштето, Александар Наунов, татко на Надица Наунова се обрати пред новинарите.
Неговата изјава, условно кажано беше во контекст на воведните зборови што денеска ги дадоа дел од обвинетите и нивните бранители, а во кои отфрлија секаква одговорност за трагедијата.
„Обвинетите се однесуваат како тие да се оштетени, како да не знаат зошто се обвинети, како првпат да слушаат дека дискотеката ’Пулс’ постоела. А, постоела и работела цели 13 години“,
рече Наунов.
Иако правото на одбрана е неприкосновено во секоја правна држава, рече тој, еднакво е важно јавниот дискурс, како што кажа, да биде чувствителен кон жртвите, кон семејствата и заедницата која минува низ долготрајна траума.
„Гласот на родителите, семејствата и сите засегнати мора да биде во центарот на вниманието. Ние сме луѓето кои секојдневно се борат со последиците од трагедијата“,
рече тој.
Посочи дека тие како родители имаат легитимно очекување дека институциите ќе постапат брзо, одговорно и објективно без пролонгирања кои оставаат впечаток на неажурност и незаинтересираност.
„Семејствата и граѓаните очекуваат пресуда која ќе ја одрази тежината на трагедијата и ќе испрати порака дека животот на секој граѓанин е вредност што мора да виде заштитена. Токму тоа е основата врз која се гради довербата во правниот систем и функционалноста на институциите“,
кажа Наунов.
На крајот порача дека вистината, отчетноста и правдата не смеат да останат само формални одредби на хартија туку мора да се манифестираат преку конкретни резултати, одговорни одлуки и целосно исполнување на законските обврски. А сето тоа во интерес на жртвите, нивните семејства и целата јавност.
Инаку денеска, воведни говори дадоа тројцата обвинети градежни инспектори. Тие и нивните бранители наведоа дека немале овластувања да постапуваат без претходно издадена наредба, пријава или сомневање. А такво нешто до нив не стигнало од ниту една институција во изминатите 13 години додека работел „Пулс“.
Тројцата ексградоначалници на Кочани, исто така отфрлија било каква одговорност за пожарот. Поранешниот градоначалник на Кочани , Ратко Димитровски во чиј мандат почнало да работи кабарето, кажа дека тој бил единствениот што барал да не се издаде лиценца за работа на „Пулс“.
Но, од државните органи тогаш во 2012 година не добил никаков повратен одговор.
Дека немале надлежност да постапуваат во однос на кабарето тврдеа и неговите наследници на функцијата, Николчо Илиев и Љупчо Папазов, во чиј мандат се случи пожарот во „Пулс“.
Мерки што требало да се преземат за да не дојде до трагедијата, според нив и нивните бранители, биле во надлежност на државните институции и стручните служби.
Одговорност за трагедијата во воведните говори отфрлија и управителот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, како и обвинетите лица од обезбедувањето.
Бранителите на сите обвинети рекоа дека не може да се докаже никаква причинско-последична врска меѓу дејствијата на овие обвинети со причините за пожарот, како и дека делото тешки дела против општата сигурност го сториле со умисла, дејствувајќи заеднички.
