Тој повика да се внимава со оваа постапка за да не се случи, како што кажа, истата неправда од пред 13 години кога никој од државните органи не одговорил на неговите дописи да не се издава лиценца за работа на „Пулс“

Поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, кој е еден од обвинетите за пожарот во „Пулс“, бил единствениот кој ги алармирал државните органи пред 13 години дека не треба да се издава лиценца за работа на објектот.
Покрај неговата бранителка Ангела Соколова, ова во дополнение на воведниот говор го кажа и обвинетиот Димитровски. Тој го оцени обвинението како конструкција и побара од Обвинителството да го повлече за да избегне нова неправда.
Димитровски наведе дека по добивањето информации дека фирма сака да добие паркинг-простор за потребите на ноќен клуб што има намера да го отвора во 2012 година, веднаш испратил допис до надлежен државен орган во кој прашал дали на оваа фирма ѝ е издадена лиценца за работа.
Одговор, како што кажа, никогаш не добил. Повторно испратил допис, но овој пат барал да не се издава лиценца на фирмата бидејќи според сознанијата што ги има, инвеститорот имал намера да отвори дискотека, а паркингот што го бара пред објектот е јавен паркинг наменет за лесни и тешки возила. Објектот, исто така, е наменет за лесна дрвна индустрија, рече тој.
„Во тоа барање напишав сè што бев должен да го знам. И покрај изричното барање да не се дава дозвола за ноќен клуб или дискотека, одговор немаше. Повторно причината е дека се мешам во државната власт. Кога државен орган одобрува, градоначалникот нема ингеренции, не може да биде над оној што е над него“,
рече Димитровски.
Говорејќи хипотетички, тој кажа дека доколку државата префрлела дел од своите ингеренции на општините, во случајов да издава лиценци за работа на угостителски објекти, тогаш и и одговорноста би била на градоначалникот. Во таа насока, Димитровски, како и неговата бранителка, рече дека тој презел дејствија надвор од своите надлежности со тоа што барал да не се издава лиценца за работа на „Пулс“. Но, не и во насока на теоријата на Обвинителството.
„Да било во моја надлежност, со сигурност ќе кажам дека совесно сум реагирал повеќе пати дека не треба да се издава лиценца. Со ваквото постапување на обвинителството излегува дека јас требало да постапувам надвор од моите законски надлежности, да постапувам наместо МВР, Државниот пазарен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот градежен инспекторат. Зошто на градежните инспектори не ни било укажано од Државниот градежен инспекторат. Како можеше да се исконструира вакво обвинение“,
рече ексградоначалникот во својот воведен говор.
Тој повика да се внимава со оваа постапка за да не се случи, како што кажа, истата неправда од пред 13 години кога никој од државните органи не одговорил на неговите дописи да не се издава лиценца за работа на „Пулс“.
„Одговорно тврдам дека немам никаква вина за овој настан и давам ветување дека јас како обвинет или мојата одбрана нема да прават обиди за одолговлекување на постапката. И, за крај, барам Обвинителството да го повлече обвинението за да спречи идни неправди“,
рече ексградоначалникот на Кочани, Димитровски.
Во идентична насока, но со изразита правна терминологија, претходно воведни зборови даде неговата бранителка Ангела Соколова. Таа го критикуваше обвинението, за кое рече дека не може да даде никаква причинско-последична поврзаност на дејствата на нејзиниот клиент со трагичниот настан.
На денешното рочиште адвокатите на обвинетите во „Пулс“, Огњен Ѓеорѓиев, Љупчо Стаменков и Љупчо Гоцев, рекоа дека како овластени општински градежни инспектори во Кочани не можеле да вршат контроли во „Пулс“ бидејќи за тоа никогаш не добиле налог од општината, како и поради законските ограничувања во делот на нивните овластувања.
Адвокатот Насер Рауфи, кој го брани обвинетиот Џеваир Камбери, денеска рече дека мобилните телефони и лаптопот за кој на минатото рочиште за случајот „Пулс” беше соопштено дека биле најдени во ќелијата на Камбери во затворот во Шутка, не се негови и оти вистинскиот сопственик бил „детектиран”, односно самиот се пријавил.
Инаку, денеска продолжи судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани со воведни зборови на дел од обвинетите. Пред почетокот на судењето родителите и блиските на загинатите во пожарот дојдоа со транспарент со ликовите на нивните најблиски кои настрадаа во трагедијата.
