Камбовски вели дека не е оставено во смисла дека Судскиот совет ништо не прави и оти мора да утврдат дали воопшто има некаков пропуст кај судот

Судскиот совет ја следи состојбата и презема дејствија да утврди дали има некаков пропуст кај судот за случајот „Дурмо турс“, вели претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски.
Тој вели дека Судскиот совет е во тек и го проверува постапувањето на судиите со оглед дека три пати се оддолжува издржувањето на казната за сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули.
„Ако имаме нешто конкретно овде веќе ќе имавме постапка. Ние сме во тек, ја испитуваме работата, проверуваме. Не е оставено во смисла дека Судскиот совет ништо не прави. Ние мора да утврдиме дали воопшто има некаков пропуст кај судот. Доколку има, ние сме сега до таа фаза да речеме доколку има, Законот си определува што треба понатаму да се прави“,
изјави Камбовски.
Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, кој е осуден на 10-годишна затворска казна за трагедијата кај Ласкарци, на почетокот на неделава доби ново 15-дневно одложување на терминот кога треба да отпочне со издржувањето на затворската казна.
Судија за извршување санкции од Основниот суд Гостивар, одобрил одложување поради закажана операција за кила на тестиси на Белули во тетовската болница. Новиот термин кога Белули треба да почне со издржување на казната е 17 декември. Ова е трето одложување на одењето во затвор на Белули поради здравствени причини.
Случајот се најде во фокусот на јавноста откако Ремзи Мифтари, одговорниот за превоз во „Дурмо турс“, кој, како и Белули е осуден на 10 години затвор, не се појави во „Идризово“ за издржување на казната. Тој е во бегство и по него е распишана потерница.
Претходно и тој поради операција на кила на тестиси го одлагаше издржувањето на затворската казна.
