Во синоќешното интервју за „360 степени“, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека доколку постои каков било сомнеж за сторен криминал, СДСМ може веднаш да достави докази до, како што рече, нивните инсталации во обвинителството
Опозицискиот СДСМ денеска до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поднесе пријава во врска со наводите дека компанијата „Дигитал оне“, формирана со двајца вработени минатата година, за неколку месеци годинава добила државни тендери во вредност од речиси девет милиони евра.

Во синоќешното интервју за „360 степени“, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека доколку постои каков било сомнеж за сторен криминал, СДСМ може веднаш да достави докази до, како што рече, нивните инсталации во обвинителството.
„Еве, денеска сме пред ДКСК за да поднесеме официјална пријава со сите документи, докази и информации што ги објавивме изминативе денови. Како што ветивме, нема да дозволиме ова да остане само на прес-конференции. Институциите мора да постапат, крадењето на народот да запре и да следува одговорност“,
изјави Петар Огњеновиќ од СДСМ кој денеска ја поднесе пријавата до ДКСК.
Од СДСМ побараа ДКСК да отвори предмет за случајот, да спроведе постапка и да ги испита сите елементи.
Изминативе денови опозицискиот СДСМ обвини дека власта преку криминални шеми и тендери испумпува милиони евра народни пари до фирми блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во фокус е фирмата „Дигитал оне“, формирана во август минатата година, која од денот на формирањето до денес добила шест договори за јавни набавки со владини институции, од кои четири со Генералниот секретаријат на Владата.
