Според МНР, двајцата министри упатија и јасна порака за важноста од предвидлива, фер и опиплива европската перспектива за целиот регион
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани денеска остварија средба со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија, Каја Калас.

Средбата се одржа во рамки на нивната работна посета на Брисел, а како што соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР), на неа се потврди континуираната посветеност на државата кон европскиот интегративен процес и заедничките напори за продлабочување на партнерството со Унијата во областа на безбедноста у одбраната.
„Денеска во Брисел на средбата со високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, заедно со министерот за европски прашања Орхан Муртезани ја потврдивме посветеноста на реформите, европската агенда и унапредувањето на соработката со ЕУ во областа на безбедноста и одбраната. Ја реафирмиравме целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, поддршката за Украина, како и значењето на регионалната поврзаност и стратешките инфраструктурни проекти, меѓу кои и Коридорот 8“,
напиша Муцунски на неговиот фејсбук-профил.
Според МНР, двајцата министри упатија и јасна порака за важноста од предвидлива, фер и опиплива европската перспектива за целиот регион. Нагласија и дека забрзаната и фер динамика на процесот ќе придонесе за зајакнување на кредибилитетот на проширувањето, демократската отпорност и безбедноста на регионот и Европа.
