„Слушам некои од експратеници на поранешното владејачко мнозинство од СДСМ и ДУИ го критикуваат ова, возеле 52, 53, 55 километри на час, па како добивале опомени. И со 50,5 ќе добијат опомени бидејќи има правила на тоа што значи приспособена и неприспособена брзина. Јас сум подготвен целиот товар да го прифатам на себе и да ја понесам целата политичка одговорност, па макар спасиле и еден човечки живот“, рече премиерот
Подготвени сме да ги истрпиме сите критики, да го издржиме овој политички удар само за да спасиме човечки животи – изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со имплементацијата на системот „Безбеден град“ кој за 24 часа детектира над 110 000 сообраќајни прекршоци во Скопје.

Коментарот на Мицкоски се однесува на критиките што вчера ги дадоа некои поранешни експратеници, според кои, возење со 51 или 54 километри на час, кога дозволената брзина на движење е 50 километри на час, не претставува прекршок и не треба да се казнува.
„Слушам некои од поранешни пратеници на поранешното владејачко мнозинство од СДСМ и ДУИ го критикуваат ова, возеле 52, 53, 55 километри на час па како добивале опомени. И со 50,5 ќе добијат опомени бидејќи има правила на тоа што значи приспособена и неприспособена брзина. Јас сум подготвен целиот товар да го прифатам на себе и да ја понесам целата политичка одговорност, па макар спасиле и еден човечки живот“,
изјави Мицкоски.
Премиерот рече дека целосно ја поддржува примената на системот „Безбеден град“ во Скопје, но и негово проширување на целата територија на државата.
„Дел од човечките животи се губат поради непочитување на сообраќајните правила, а најчесто поради неприспособена брзина. Видовте во текот на еден ден колку сообраќајни прекршоци се направени. Голем дел од нив се затоа што несовесни возачи управуваат патнички возила што не се регистрирани. Дел од прекршоците, неколку илјади, беа поради тоа што поминале на црвено. Вратете се назад и ќе видите колку луѓе го изгубија својот живот затоа што некој управувал патничко возило, не ја приспособил својата брзина и поминал на црвено“,
додаде тој.
Од вчера во Скопје започна пробниот период за автоматизирано регистрирање сообраќајни прекршоци преку системот „Безбеден град“ (Safe City). Во период од 12 часа по воведувањето регистрирани беа 65 000 прекршоци.
Пробниот период на системот, кој започна вчера, ќе трае до 31 декември. Дотогаш возачите ќе добиваат само предупредување, односно известување за сторен прекршок, без изрекување казни. Од јануари идната година системот ќе почне целосно да се применува.
