Најчестите прекршоци се однесуваат на незаконско зафаќање јавни површини со градежен материјал и присуство на валкани гуми од градежната механизација на улиците

Општина Центар спроведува интензивни инспекциски контроли на градилиштата низ целата локална самоуправа.
Во изминатиот период општинските инспектори извршиле надзор на 30 градилишта, при што се изречени вкупно 24 казни за различни прекршувања.
Најчестите прекршоци се однесуваат на незаконско зафаќање јавни површини со градежен материјал и присуство на валкани гуми од градежната механизација на улиците. Санкциите изречени за овие прекршувања се движат од 1 300 до 1 800 евра.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вели дека општината ќе реагира на секое нарушување на јавниот простор и безбедноста на граѓаните.
„Континуирано спроведуваме надзор на активните градилишта во општината. Сите што ги прекршуваат прописите и го узурпираат јавниот простор ќе се соочат со соодветни мерки. Наша цел е да обезбедиме уредена средина за граѓани“,
вели Герасимовски.
Од Општината додаваат дека овие редовни контроли се дел од пошироката заложба за спречување бесправна градба и заштита на заедничкиот простор во Центар.
