„Добро е што власта ги постави камерите, сега од неговиот кабинет во зградата на Владата Мицкоски, зад вратената ограда, ќе може да ја види катастрофалната состојба во Македонија. Мицкоски се огради од народот, па сега ќе може да гледа на камери“, велат од партијата

Повеќе од 1 000 возила се фатени како сообраќаат нерегистрирани за само половина ден, велат од СДСМ додавајќи дека оваа бројка е доказ за паднатиот животен стандард во земјава. Според СДСМ, граѓаните во главниот град немаат средства ниту за основните обврски како регистрација на возилата.
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако од вчера пробно почна да функционира системот „Безбеден град“, а Министерството за внатрешни работи објави дека само за 12 часа биле регистрирани 65 000 прекршоци.
Во 2 800 наврати камерите од „Безбеден град“ фатиле возила како поминуваат на црвено светло, а во 1 000 случаи биле снимени 1 000 нерегистрирани возила.
Од СДСМ во реакцијата велат дека бројките покажуваат паднат стандард во главниот град и додаваат дека ситуацијата во помалите градови и населени места е само полоша.
„Економијата паѓа, а народот едвај преживува“,
се вели во соопштението на СДСМ.
СДСМ ја критикува власта дека додека функционерите „се гоштаваат со папаја и манго“ и „се возат со бизнис-класи“ и вртат милионски тендери, народот нема пари за основните трошоци.
„Добро е што власта ги постави камерите, сега од неговиот кабинет во зградата на Владата, Мицкоски зад вратената ограда ќе може да ја види катастрофалната состојба во Македонија. Мицкоски се огради од народот, па сега ќе може да гледа на камери“,
додаваат од СДСМ.
Според СДСМ, кога тие дошле на власт веднаш по „рушењето на режимот на Груевски“, ја тргнале оградата пред Владата и вратата, како што велат, била отворена за граѓаните.
„Ама ученикот на Груевски ја врати оградата и тоа е показател колку се исти. Ова е иста банда“,
велат од СДСМ.
Инаку, пробниот период на системот, кој започна вчера, ќе трае до Нова година, односно до 31 декември. Дотогаш возачите ќе добиваат само предупредување, односно известување за сторен прекршок, без изрекување казни. Од јануари идната година системот ќе почне целосно да се применува.
Кога системот целосно ќе биде пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и електронска пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе можат да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци.
За одредени прекршоци, за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.
