Судењето треба да продолжи со произнесување за вина и воведни зборови на одбраната, а во судницата утринава веќе се донесени обвинетите што се во притвор

Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени. Судењето треба да продолжи со произнесување за вина и воведни зборови на одбраната, а во судницата утринава веќе се донесени обвинетите што се во притвор.
Пред судницата веќе се пристигнати и дел од родителите на загинатите, а забележливо е и големо полициско присуство.
На претходното рочиште судот ги прифати приговорите на дел од адвокатите кои реагираа дека нивните клиенти не го добиле обвинението и не можат да се изјаснат за вина и да дадат воведни зборови.
Судијката Диана Груевска-Илиевска рече дека со оглед на ваквата околност на овие обвинети уште истиот ден ќе им биде доставено обвинението.

За да нема проблем на одолговлекување на постапката, Судот донесе одлука главната расправа да продолжи со изјаснување по однос на оштетени побарувања и на кривичен прогон на присутните оштетени и законските застапници на оштетените. Присутните законски застапници на оштетените пред Судот изјавија дека се приклучуваат кон кривичен прогон и дека своите права и отштетно побарување ќе ги остваруваат во граѓанска постапка.
Обвинителството е застапувано од тим од 15 јавни обвинители.
На првото рочиште, обвинителот Борче Јанев потенцираше дека општеството мора да извлече легитимни одговори за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не спречил катастрофа од ваков размер.
Според Обвинителството, трагедијата е директен резултат на систематска негрижа и игнорирање на безбедносните закани.
Осум месеци по несреќата на обвинителна клупа седнаа 37 обвинети, од кои 34 физички и три правни лица. Обвинети се сопственици на локали, управители, инспектори, членови на обезбедување, државни службеници, поранешни градоначалници.
Поврзани вести:
- Судот го одложи утрешното рочиште за „Пулс“, следното го закажа за 2 декември
- Денеска нема да има изјаснување за вина на обвинетите во „Пулс“, дел не го добиле обвинението
- (ВИДЕО) Родители на загинати во „Пулс“ вербално „нападнаа“ адвокати од Кочани: За колку пари ги браните убијците на нашите деца
- Хаотични докази, ново обвинение и недобиени материјали – одбраната во „Пулс“ со бројни забелешки до Обвинителството
- Мора да има правда за нашите деца, судијката и Обвинителството ни дадоа надеж – вели мајка на загинат во „Пулс“
