„Тоа подразбира нова механизација, за дел од старата механизација, за која се одлеваат сериозни средсва за амортизација и поправање, да ја тргнеме настрана и да настапиме со нови камиони. Во буџетот за наредната година ќе бидат предвидени одредени дополнителни средства за како Град Скопје и ‘Комунална хигиена’ да инвестираме во нови машини и механизација“, најави градоначалникот на Скопје
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека во координација со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски е отпочната постапка преку Светска банка за набавка на повеќе од 20 нови комунални машини за потребите на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.

„Тоа подразбира нова механизација, за дел од старата механизација, за која се одлеваат сериозни средсва за амортизација и поправање, да ја тргнеме настрана и да настапиме со нови камиони. Во буџетот за наредната година ќе бидат предвидени одредени дополнителни средства за како Град Скопје и ‘Комунална хигиена’ да инвестираме во нови машини и механизација“,
најави Ѓорѓиевски во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма.
Во однос на моменталната состојба со сметот во главниот град, Ѓорѓиевски вели дека и натаму знаат да се случат пропусти бидејќи, како што вели, станува збор за жива материја, но оцени дека состојбата е далеку подобра од онаа која ја затекнал во Скопје кога ја презема градоначалничката функција пред околу еден месец.
„Нема да бидам најискрен ако кажам дека не се случуваат пропусти. Но, делуваме многу подобро од појдовната точка со 16 функционални машини наспроти околу 50 колку што има во моментов. Располагаме со стара механизација, па се случува одреден камион поради дефект да откаже во моментот кога треба да се собере отпад во некое населено место и да не може да излезат да го соберат. Но, дека работам и давам се од себе да ги надминеме најбрзо тие состојби, давам се од себе“,
изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот оцени дека мерката за забрана за фрлање отпад од 22 часот навечер до 6 часот наутро, што неодамна ја изгласа Советот на Градот Скопје, на долг рок покажува резултати.
Во овој контекст тој ги спомена сопствениците на угостителските објекти за кои рече дека се во „сива зона“ и дека ги користат граѓанските контејнери, без да се регистрирани како лица чиј отпад треба да биде третиран на посебен начин. Говорејќи во оваа насока, Ѓорѓиевски најави дека до Нова година, сите угостители на територија на Скопје треба да обезбедат посебни контејнери, а отпадот да се одлага на повик.
„Кога ќе потпише секој од нив договор со ‘Комунална хигиена“ точно ќе бидат утврдени надлежностите и на коминтетнтот но и на ‘Комунална’. Рокот е до Нова година. До тогаш сите треба да си ги обезбедат тие контејнери и нема да има толеранција кон никого. Сите тие имаат дејност за која наплаќаат од граѓаните, од друга страна граѓаните си плаќаат за уредно да го одлагаат отпадот во контејнери. Не може некој да биде држен во сива зона“,
рече Ѓорѓиевски во интервјуто на „Топ тема“.
