На прашањето дали ќе има промени кај министрите во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, премиерот вели оти засега ќе нема

Премиерот Христијан Мицкоски денеска до Собранието ги испрати предлозите за нови министри од коалицискиот партнер ВЛЕН. Како што открива тој во интервјуто за „360 степени“ што ќе се емитува вечерва, за нов министер за животна средина и просторно планирање е предложен Мухамед Хоџа, а за нов министер за европски прашања и потпретседател на Владата е предложен Беким Сали. Во ресорот здравство ќе нема промени, односно таму министер останува Азир Алиу.
Мицкоски: Да, мојот предлог денеска е доставен до Собранието, а тоа се Мухамед Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање и господинот Беким Сали којшто ќе биде министер за европски прашања и потпретседател на Владата.
„360 степени“: Добро, значи други промени нема.
Мицкоски: Нема.
„360 степени“: Оти се најавуваше промена во ресорот здравство. Се спомнуваше името на Башким Бакиу, таму нема да има промена.
Мицкоски: Не, нема.
„360 степени“: Добро. Претпоставувам дека и Вие ќе се согласевте оти пречестото менување на позицијата шеф на тој ресор не е добро за тој ресор, бидејќи станува збор за витален ресор во здравството и ова ќе беше трет практично министер во 17 месеци колку што сте на власт.
Мицкоски: Па, година и половина скоро, се согласувам со вашата констатација.
„360 степени“: Дали беше тоа една од причините или?
Мицкоски: Една од причините беше и тоа, да.
„360 степени“: Задоволен сте од тоа како Азир Алиу ја раководи таа институција?
Мицкоски: Секогаш има простор за напредок. Секој треба да добие шанса и јас ценам дека до овој момент Азир Алиу прилично пристојно си ја врши својата работа.
На прашањето дали ќе има промени кај министрите во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, премиерот вели оти засега ќе нема.
„360 степени“: Ќе има ли промени кај министрите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и на ЗНАМ?
Мицкоски: Засега ако ме прашувате, веќе ви дадов одговор дека…
„360 степени“: Не, сега да, очигледно дека нема.
Мицкоски: Да, а после конгресот, после сите оние преструктуирања во рамките на партијата, напролет некаде очекувам да имаме и освежување во рамките на владата, прегрупирања, догрупирања, доекипирања, проширувања, стеснувања и во рамките на државните институции. Така што отприлика ова е тој гантограм на активности коишто во следниот период како претседател на Владата и доколку ја добијам довербата на делегатите на конгресот, претседател на ВМРО-ДПМНЕ не очекувам, формирање на овој тим којшто потоа треба да го понесе и изнесе товарот до следните парламентарни избори.
Од Собранието во меѓувреме најавија дека предлогот за разрешување на министерот за европски прашања Орхан Муртезани, ќе биде ставен на наредната пленарна седница, додека, пак, за избор на нови министри нема пропишан рок во Деловникот и за тоа дополнително ќе се одлучи.
Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се емитува вечерва (1 декември 2025 г.) од 20:15 часот на МРТ 1.
