Дали тоа што трката за иден лидер може да се смета дека почнува по ова негово интервју и колку тоа (завршувањето на неговиот лидерски мандат во 2029 г., н.з.) ќе влијае на односите внатре во партијата и на работата на Владата, Мицкоски вели – таков тип недисциплина нема да толерирам

Како ќе се постави кон битката за иден претседател на ВМРО-ДПМНЕ и дали има фаворит за негов наследник на челната позиција на партијата, актуелниот лидер и премиер Христијан Мицкоски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели – има време до 2029 година, фокусиран сум на претстојниот конгрес. ВМРО-ДПМНЕ в сабота (6 декември) во Кавадарци ќе одржи редовен конгрес на кој се очекува реизбор на Мицкоски за претседател на партијата. Според актуелниот Статут, кој дозволува три лидерски мандати, тоа ќе бидат неговите последни четири години како претседател на партијата.
На прашање дали ќе има повторување на праксата како во 2017 година кога тогашниот лидер Никола Груевски го фаворизираше Мицкоски, а претходно Љубчо Георгиевски го протежираше Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека сега сиуацијата е поразлична.
„Секој од тие два случаи е поразличен од овој за којшто јас денеска зборувам, затоа што прво, самиот Статут на партијата беше поинаков, споредено со сегашниот. Второ, јас од денешна оптика кога ги гледам работите, најавувам нешто што ќе се случи. Сигурно ќе се случи во таа 2029 година (ќе има нов лидер, н.з.), на тој редовен изборен конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, не калкулирам. Но, тоа не значи дека во рамките на партијата не треба да има амбиција. Можеби и сега додека сум бил јас претседател на партијата изминативе осум години, имало луѓе коишто себеси се гледале на таа позиција. И тоа не е забрането и тоа не е нешто што е невозможно или нешто што е недобро. Амбицијата е секогаш добредојдена. Но, пренагласената амбиција е лоша“,
вели Мицкоски.
Дали тоа што трката за иден лидер може да се смета дека почнува по овој негов јавен настап и колку тоа ќе влијае на односите внатре во партијата и на работата на Владата, Мицкоски вели – таков тип недисциплина нема да толерирам.
Во однос на можноста по конгресот да нема ниеден потпретседател на партијата за да се овозможат еднакви стартни позиции на тие што мислат дека можат да бидат кандидати за иден лидер, Мицкоски вели дека е насочен кон партискиот конгрес што ќе се одржи на 6 декември, кога се очекува негов реизбор.
„Не би сакал сега да коментирам внатрешни прегрупирања после конгресот коишто ќе се случат, бидејќи сум целосно фокусиран на сабота, на 6 декември, на денот на самиот конгрес“,
додаде Мицкоски.
