„Имам два сина, мене ВМРО-ДПМНЕ ми е, буквално, како трето дете. Но, да, ова е мојот последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, доколку ја добијам поддршката од делегатите. И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот“, вели актуелниот партиски лидер и премиер

В сабота (6 декември) во Кавадарци владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи редовен изборен конгрес. На конресот се очекува реизбор на Христијан Мицкоски за лидер на партијата, што е една од темите во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1.
Мицкоски: Немам информација дека ќе има и втор кандидат, така што до моментот ценам дека информациите што стигнуваат се дека ќе биде само еден кандидат, односно ќе бидам кандидат јас.
„360 степени“: И вие, претпоставуваме, логично, прифаќате да ја водите партијата и во следните четири години?
Мицкоски: Па, тоа е еден континуитет што започна кога беше валандовскиот конгрес. Јас официјално партијата ја презедов на почетокот на 2018 година во една многу тешка и сложена ситуација, во многу тешки и сложени околности за Македонија и генерално за граѓаните. Ако мојот прв мандат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ го одбележа времето на консолидирање, реструктуирање и прегрупирање на внатрешните редови, потоа тоа продолжи во вториот мандат кога партијата победи убедливо на парламентарните и на претседателските избори. На крајот од првиот мандат победивме убедливо на локалните избори и враќање во позиција во која денеска се наоѓаме, ВМРО-ДПМНЕ да биде најголемата политичка партија и веќе еве година и половина носител на владата. Очекувам третиот мој мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ да го одбележи периодот на големи реформи и подобар живот за граѓаните во државата.“
На прашањето дали по конгресот се планирани промени во раководството на партијата, на пример, дали евентуално се планира промена на позицијата генерален секретар, Мицкоски одговори дека сè уште не размислувал за тоа.
Мицкоски: Фокусирани сме на конгресот и на тоа што таму како документи ќе го донесеме и одлуки за функционирање на партијата, но дека после конгресот ќе има промени во рамките на партијата, да, ќе има.
„360 степени“: Ѓорѓија Сајкоски е сега генерален секретар. Се спомнуваат и Ивица Томовски, а во некои кругови и Драган Ковачки. Дали меѓу овие три имиња треба да го бараме новиот или старо-новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ?
Мицкоски: Не би коментирал сега за имиња или за какви било поместувања во рамките на водството на партијата. Сите овие имиња што ги спомнавте се луѓе што оставиле белег изминативе години на ВМРО-ДПМНЕ. Сите тие се прекрасни луѓе, тоа се мои, пред сè, другари и луѓе со кои сме се бореле во рамките на ВМРО-ДПМНЕ за да постигнеме и да извојуваме победи на изборните циклуси, но и секојдневни победи врз предизвиците што ги имаме. Така што, секој од нив е значајна алка во рамките на функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
„360 степени“: Дали планирате промени на потпретседателските места? Сега се четворица потпретседатели. Какви ви се плановите во тој дел од раководството?
Мицкоски: Ви велам, не сум донел конечна одлука за тоа со кои идеи и со кои предлози ќе излезам пред Централниот комитет откако, нели, ќе заврши конгресот. Најпрвин првиот чекор, да ја добијам довербата на делегатите на конгресот, да бидам, нормално, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, па дури потоа можеме да зборуваме за чекорите што ќе следат потоа.

Ако Мицкоски ја добие поддршката на претстојниот конгрес, тоа ќе биде негов трет мандат на чело на партијата. Според актуелниот статут, претседателот на партијата има право на најмногу три мандати. Тоа значи дека ова би требало да биде негов последен мандат како претседател на партијата.
Мицкоски беше прашан што се неговите лични намери и разбирања на тоа статутарно решение и дали смета дека треба да се менува.
Мицкоски: Имам два сина, мене ми е ВМРО-ДПМНЕ буквално како трето дете. Но, да, ова е мојот последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, доколку ја добијам поддршката од делегатите. И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот.
„360 степени“: Тоа не значи дека можеби конгресот не може да го смени Статутот?!
Мицкоски: Мислам дека сум многу јасен. Јас таква промена на Статутот нема да поддржам, бидејќи преку личен пример морате да покажете дека некои работи едноставно мора да се случат. Секоја работа има почеток и крај. Не смееме ние преку лидерство да поддржуваме двојни стандарди, иако понекогаш стратешките интереси можеби налагаат и поинаку, но ценам дека честа, достоинството и образот ни биле најважни во животот, и дадениот збор. И немам намера да ги моделирам согласно приликите и затоа го кажувам мојот личен став дека нема да поддржам каква било иницијатива со која овој член од Статутот, кога се ограничува бројот на мандатите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, додека јас сум претседател, да биде променет.
„360 степени“: А има ли такви иницијативи, г-дине Мицкоски?
Мицкоски: Па, не би коментирал.
Во случај да не се менува партискиот Статут, а државата оди на редовни парламентарни избори, тие би требало да се случат во 2028 година. Па, го прашавме Мицкоски – ако ВМРО-ДПМНЕ и натаму е на власт, а тој е премиер, но го пресретне 2029 година во која му истекува мандатот како лидер на партијата, дали тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе има нов лидер, ќе значи дека Владата ќе има нов премиер.
Мицкоски: Јас силно верувам дека на следните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува голема победа повторно, затоа што ценам дека полека завршуваме со периодот на консолидирање на состојбата во државата и доаѓаат годините на просперитет и раст. Впрочем, првите индикатори во економијата тоа и го говорат, а со тоа и подобар живот за граѓаните, подобар стандард. И ценам дека на тој начин ќе ја заслужиме довербата на следните парламентарни избори, еве вие ги споменавте редовните, во 2028 година. Нормално, во 2029 година партијата ќе добие, на редовниот партиски конгрес, нов претседател. Но, дали едното со другото се во фрикција? Јас не мислам дека се едното со другото во фрикција. И во овој момент е предалеку да се зборува за 2029, 2030 година за да можам да кажам дали тоа ќе подразбере и мое повлекување од позицијата претседател на Владата. Но, едно е сигурно, дека во таа 2029 година, на тој редовен изборен партиски конгрес, ВМРО-ДПМНЕ ќе добие нов претседател.
„360 степени“: Да, тоа се обидував и да дознаам. Дали крајот на мандатот во 2029 година практично треба да означи и крај на вашиот активен ангажман во политиката?
Мицкоски: Предалеку е за тоа да зборуваме од денешна перспектива. Сепак, многу вода низ Вардар ќе протече до тогаш. Да почекаме времето да даде одговор на овие дилеми. Едната со другата работа не се во фрикција.
Бидејќи Мицкоски беше сигурен и јасен во одговорот дека нема да поддржи статутарни промени, го прашавме дали за него е опција кандидатура за шеф на државата, по завршување на лидерскиот мандат.
„Ќе повторам, за мене ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од партија. Зборувам за моето лично чувство – семејство, дури отидов и чекор понапред. И тука нема дилема. Но, околу мојот принципиелен став, луѓето што ме познаваат знаат дека тој е конечен кога станува збор за лидерството во рамките на партијата. А за сето останато, реков, прерано е да се зборува. Што се однесува до моја кандидатура евентуално за претседател на државата, тие што ме знаат и го знаат мојот карактер, знаат дека јас немам таква амбиција и мислам дека и тоа сценарио го исклучувам од мојот политички ангажман во иднина“,
рече Мицкоски.
