„СДС стигна до тоа дереџе да држи пресови кој и каде е вработен во приватни компании и тоа да го претставува за наводен скандал“, се вели во реакцијата на владејачката партија на денешната прес-конференција на социјалдемократите
Резултат на очај и паника, а пред сè на безидејност. Вака владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги оцени обвинувањата што нивниот политичкиот опонент – СДСМ ги изнесе вчера и денеска, а се однесуваат на фирма со двајца вработени, која иако формирана пред нешто повеќе од една година, за само неколку месеци добила договори со Владата и други државни институции, вредни девет милиони евра.

Од опозициската партија вчера прашаа дали еден од двајцата вработени во фирмата кој се јавува како нејзин основач е роднина на поранешниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, како и дека меѓу тендерите што ги добиле, е и рамковна спогодба за софтверски лиценци за виртуелна платформа во вредност од осум милиони евра.
Денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска изнесее тврдења дека другиот вработен во фирмата претходно работел во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), во периодот додека со неа раководеше Сашо Мијалков. Ова лице, како што кажа Кузеска, било и сведок во судскиот процес за случајот „Таргет-Тврдина“ за уништувањето на опремата за прислушување.
Од ВМРО-ДПМНЕ ваквите наводи на социјалдемократите ги нарекоа очајни и безидејни и побараа од нив да кажат дали лицето што го посочуваат не треба да работи во таа или во која било друга приватна фирма.
„СДС стигна до тоа дереџе да држи пресови кој и каде е вработен во приватни компании и тоа да го претставува за наводен скандал. За да не биде скандал, СДС да појасни дали тој човек не треба да работи во таа фирма или не треба да работи никаде? Вчера тврдеа дека прво вработениот во споменатата фирма бил роднина на Димче Арсовски и откако спинот им заврши на буниште смислија нов спин, за да се себе оправдаат“,
се вели во реакцијата од владејачката партија.
Оттаму, потсетуваат, на како што велат, „безбројните афери“ што го одбележале владеењето на владата на СДСМ, а во кои бил вмешан и актуелниот лидер на партијата, Венко Филипче, додека беше министер за здравство.
„…’Шпанско село 2′ каде што Филипче се стекна со огромен имот на Водно, сомнителните тендери во РЕК ‘Битола’ и ЕСМ за набавка на јаглен фирма, каде Филипче исто така профитирал и на подарок добил луксузен џип ‘ауди кју8’. Да не ги заборавиме крвавите тендери, планираната набавка на вакцини во корона периодот за цени три пати повисоки од пазарните и тоа од фирми за овошје, на криминалната приватизацијата, на стерилизација во јавните здравствени институции, како и на модуларната болница во Тетово во која живи изгореа 14 луѓе за две минути“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Исто така, не треба, велат од ВМРО-ДПМНЕ, да се заборават ниту случајот со Драги Рашковски кој, како генерален секретар на влада, спроведуваше тендерски постапки за набавка на софтвери за кои никој ниту знаел, ниту ги користел.
Од владејачката партија велат дека не треба да се заборави за државното земјиште што сопругата на поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Димитар Ковачевски ги добила од неговата влада за изградба на фотоволтаици. Во истиот контекст, оттаму ги споменуваат и браќата на претходникот на Ковачевски на партиската и државна функција, Зоран Заев, кои како и Филипче добиле дозволи за фотоволтаици во Дојран за рекордно брзо време.
„Долга е листа листата на скандали, афери и наместени тендери во страна на СДС, затоа до исчекување на следниот спин, на СДС им порачуваме да си ги погледнат своите редови и редно е да ги исчистат од нивните докажани криминални структури, кои сакаат да ги продадат како нови лица“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
