Виткоф денеска треба да отпатува за Москва, каде што се очекува да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, изјавил американски функционер за Си-ен-ен

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази оптимизам по состанокот на високо ниво меѓу американските претставници и украинската делегација во Мајами во неделата, сугерирајќи дека постои добра шанса за договор за ставање крај на војната на Русија во Украина.
Трамп пред новинарите во авионот „Ер форс уан“ рече дека разговорите течат добро.
„Мислам дека постои голема шанса да постигнеме договор“,
додаде тој.
Неговите коментари дојдоа откако американскиот државен секретар Марко Рубио ги оцени мировните преговори како кревки и нагласи дека Русија ќе има централна улога во секој договор.
„Ова е деликатно, комплицирано. Има многу променливи делови и очигледно е вклучена друга страна која ќе мора да биде дел од равенката“,
изјави Рубио по состанокот, на кој учествуваа специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Државниот секретар го опиша состанокот во Мајами како „многу продуктивна и корисна сесија каде што беше постигнат дополнителен напредок“, но предупреди дека останува уште работа. Тој рече дека дипломатскиот притисок на администрацијата ќе се интензивира оваа недела.
Виткоф денеска треба да отпатува за Москва, каде што се очекува да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, изјавил американски функционер за Си-ен-ен.
Рубио се сретна со украинска делегација предводена од нов главен преговарач во Флорида, за разговори за кои рече дека имаат за цел да создадат пат Украина да остане суверена и независна.
„Продолжуваме да бидеме реалистични во врска со тоа колку е тешко ова, но оптимисти сме, особено со оглед на фактот дека како што постигнавме напредок, мислам дека тука постои заедничка визија дека не станува збор само за завршување на војната“,
им рече Рубио на новинарите по завршувањето на разговорите.
Тој додава дека станува збор за обезбедување на иднината на Украина, за која, како што рече, се надеваат дека ќе биде попросперитетна отколку што била досега.
Шефот на украинската делегација, Рустем Умеров, го окарактеризира состанокот како „продуктивен и успешен“.
„Разговаравме за иднината на Украина, за сè што е важно за Украина и украинскиот народ. САД многу нè поддржуваат“,
рекол Умеров, според украинските медиуми.
Ниту тој ниту Рубио не дадоа детали за содржината на разговорите.
Разговорите беа продолжение на нов сет преговори што започнаа со нов американски план за мир.
