Осомничениот, според изјавата на Пиро, ќе биде обвинет по три точки за напад со намера за убиство, како и по три точки за поседување огнено оружје за време на насилен напад

Авганистанецот обвинет за пукање во двајца припадници на Националната гарда ќе се соочи со обвиненија за убиство од прв степен за нападот што го натера претседателот Доналд Трамп да изјави дека ќе ја замрзне миграцијата од „земјите од третиот свет“ во САД, пишува Ројтерс.
Американската обвинителка за Вашингтон, Џанин Пиро, изјави дека ќе има и други обвиненија против 29-годишниот Рахманула Лаканвал, кој ги нападнал припадниците на Националната гарда од Западна Вирџинија во близина на Белата куќа во средата.
„Она што се случи при тоа злосторство е несомнено. Тоа е убиство со умисла. Ги надградуваме првичните обвиненија за напад во убиство од прв степен“,
изјави Пиро.
Осомничениот, според изјавата на Пиро која ја пренесуваат странските медиуми, ќе биде обвинет по три точки за напад со намера за убиство, како и по три точки за поседување огнено оружје за време на насилен напад.
Припадничката на Националната гарда, Сара Бекстром (20), почина од повредите, додека Ендру Волф (24) е во критична состојба.
Двајцата гардисти беа распоредени во мисијата „Безбедно и убаво“ во Вашингтон и се застрелани пред два дена, помалку од 24 часа откако им беше доделена задача да вршат патрола во градот.
Со објава на неговата платформа Трут соушал, Трамп ја засили реториката за имиграцијата.
„Трајно ќе ја прекинам миграцијата од сите земји од третиот свет за да му дозволам на американскиот систем целосно да се опорави, ќе ги прекинам сите милиони нелегални дозволи на Бајден“,
напиша Трамп.
Претходно, претставници на Министерството за внатрешна безбедност изјавија дека Трамп наредил широк преглед на барањата за азил одобрени за време на администрацијата на Бајден и зелените карти издадени на граѓаните на 19-те земји, меѓу кои е и Авганистан.
Напаѓачот врз припадниците на Националната гарда во Вашингтон, авганистанскиот државјанин Рахманула Лаханвал (29), добил американски азил во текот на оваа година, за време на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, покажуваат документите на американската Влада што ги видел Ројтерс.
Според документот, Лаканвал влегол во САД на 8 септември 2021 година, како дел од програмата за преселување „Добредојдовте сојузници“ што ја започна поранешниот демократски претседател Џо Бајден по повлекувањето на американските трупи од Авганистан претходниот месец, но тој аплицирал за азил во декември 2024 година и му бил одобрен на 23 април оваа година, три месеци откако Трамп ја презеде функцијата.
Во владиното досие за Лаканвал се наведува дека САД го провериле за неговата работа со партнерите на американската Влада за време на војната во Авганистан и не пронашле потенцијално дисквалификувачки информации.
