Според Фондот, вкупните средства за исплата на пензиите во 2026 година со усогласувањата ќе бидат повисоки за 30 милијарди денари, односно околу 500 милиони евра

Исплатата на пензиите се одвива нормално, велат од Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ) од каде додаваат дека исплатата на ноемвриската пензија ќе започне навреме, на 1 декември, при што ќе бидат исплатени вкупно 9 297 493 427 денари.
Од Фондот нагласуваат дека пензионерите треба да бидат спокојни, бидејќи Владата ја гарантира навремената исплата на пензиите. Исплатата, која се врши секој први во месецот во координација со Владата, ќе продолжи да се спроведува и во текот на 2026 година.
Фондот за ПИОМ информира дека и за наредната 2026 година се обезбедени средства. Во Буџетот на Република Македонија за 2026 година, додаваат од ПИОМ, ќе бидат обезбедени 151 милијарда денари за исплата на покачените пензии, здравственото осигурување на пензионерите и покривање на транзициските трошоци за трите пензиски друштва од вториот столб.
Според Фондот, вкупните средства за исплата на пензиите во 2026 година со усогласувањата ќе бидат повисоки за 30 милијарди денари, односно околу 500 милиони евра.
Оттаму велат дека во периодот од 1 октомври 2024 до 1 октомври 2025 година, пензиите се покачени номинално за 6 000 денари.
Процентуалното покачување, заклучно со септемвриската пензија во 2025 година, изнесува околу 29 отсто во однос на исплатата на августовската пензија во 2024 година.
Од Фондот потенцираат дека овие покачувања и усогласувања се во насока на подобрување на животниот стандард на пензионерите и намалување на влијанието на инфлацијата. Оттаму додаваат дека зголемувањето на пензиите од 29 отсто е значително поголемо од годишната инфлација која за 2024 година изнесува 3,5 проценти, а за 2025 година се очекува да биде 3,9 отсто.
Според Фондот за ПИОМ, во изминатите 30 години, пензиите никогаш не биле зголемени за толку висок процент во период од една година.
Инаку, соопштението од Фондот доаѓа откако изминатите денови во јавноста актуелна е вербалната преписка меѓу Уставниот суд и премиерот Христијан Мицкоски.
Уставниот суд на 20 ноември соопшти дека е поведена постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кој беше воведено линеарно зголемување на пензиите. Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Судот ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера во Собранието, за време на седницата за пратенички прашања, рече дека Уставниот суд веќе донел одлука за укинување на законската одредба за линеарно зголемување на пензиите и веќе од наредниот месец најголемиот број од пензионерите ќе добиваат помали пензии.
Според Мицкоски, одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите веќе била потпишана од страна уставната судијка Добрила Кацарска, која пред Уставниот суд ја иницира оваа постапка, за оцена на уставноста на последните законски измени со кои пензионерите добија по илјада денари линеарно зголемување во септември, а исто толку треба и во март идната година.
Уставниот суд, пак, го демантира Мицкоски. Оттаму информираа дека не е донесена конечна одлука за предметот што се однесува на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во јавноста познато како линеарно зголемување на пензиите.
Оттаму укажаа дека на седница одржана на 19 ноември годинава, со мнозинство гласови, се изразило сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот.
