Градската администрација на Крагуевац објави дека ова се случило „како резултат на обилни врнежи од дожд и неповолни временски услови, кои значително влијаеле на стабилноста на теренот и постојните потпорни конструкции“

Се урнаа потпорен ѕид и дел од пристапниот пат во близина на Центарот за извонредност во Крагуевац, во централна Србија.
Градската администрација на Крагуевац објави дека ова се случило „како резултат на обилни врнежи од дожд и неповолни временски услови, кои значително влијаеле на стабилноста на теренот и постојните потпорни конструкции“.
Тие забележале дека градилиштето на станбена зграда што се наоѓа во близина е затворено пред една недела со одлука на надлежната инспекција.
„Таа мерка е донесена како превентивна во согласност со Законот за планирање и градење, а со цел спречување на евентуални штети, заштита на имотот и безбедноста на граѓаните, како и на објектите во околното подрачје. Во согласност со одлуката на инспекцијата, инвеститорот веднаш ги запре сите работи“,
се наведува во соопштението од градската администрација.
Градоначалникот Никола Дашиќ на седницата на Градското собрание изјави дека градежната инспекција ќе ги утврди причините за свлечиштето, како и дека може да станува збор за проблеми во извршувањето на работите или изведувачот кој гради на парцелата под патот без дозвола.
Локалниот медиум, „Глас Шумадије“, објави видео на социјалните мрежи на кое се гледа уривањето на дел од патот.
Инаку, според пишувањата на српските медиуми, градежната инспекција во Крагуевац ја забранила употребата на бетонскиот пешачки мост над Лепеница, спроти поранешната зграда на Командата на гарнизонот на Армијата.
Во одлуката на инспекцијата пишува дека „употребата на бетонскиот пешачки мост со пристапни скали е забранета и на градот Крагуевац му е наредено да изврши санациски работи бидејќи има проблеми што претставуваат непосредна опасност за стабилноста, безбедноста на објектот, животната средина и животот и здравјето на луѓето“.
Според одлуката на Градежната инспекција, потребно е да се извршат работи за санација на мостот во рок од 12 месеци.
Градските власти од Крагуевац велат дека ќе вложат максимални напори за што поскоро решавање на ситуацијата.
„Следниот чекор е донесување одлука од страна на Градежниот инспекторат, со која ќе му се наложи на инвеститорот да преземе мерки за обезбедување на теренот и спречување на понатамошни проблеми“,
велат градските власти.
