Таа нагласи дека маратонската евроинтеграција, заедничката географија, историја и култура треба да се заокружат со членство

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на Балканскиот форум за интеграција 2025 во Црна Гора порача дека Европската Унија мора да направи стратешки чекор и да ги отвори вратите за членство на балканските држави.
Таа нагласи дека маратонската евроинтеграција, заедничката географија, историја и култура треба да се заокружат со членство.
Сиљановска-Давкова, како што информираат во соопштението од нејзиниот кабинет, укажала дека пристапувањето мора да биде кредибилен процес заснован исклучиво на Копенхагенските критериуми, а Унијата мора доследно да ги брани своите принципи и вредности.
„Двојните стандарди го комплицираат процесот и не смеат да се уважуваат“,
вели претседателката, додавајќи дека членството во ЕУ е најдобриот начин регионот да изгради отпорност на влијанија од трети центри на моќ.
Сиљановска-Давкова, се додава во соопштението, истакнала дека Северна Македонија во регионални рамки го надминува просекот на усогласеност со европското законодавство во сите шест кластери, како и дека земјата е стопроцентно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Заслужуваме да бидеме охрабрени и да добиеме шанса за почеток на преговори“,
рекла Сиљановска-Давкова.
На дискусијата „Претседателите за ЕУ интеграциите – Имаме ли план?“, модерирана од Момчило Радуловиќ, учествуваше и црногорскиот претседател, Јаков Милатовиќ. Учесниците се заложиле дека земјите од Западниот Балкан мора стратешки и усогласено да пристапат кон справување со феноменот на „одливот на мозоци“.
