„АД ЕСМ поднесе цена којашто ќе биде 65 евра за мегават-час, односно 3 евра по мегават-час повеќе од тоа што беше во минатото. Ако во минатото беше 62, сега е за отприлика 4 проценти повеќе, односно 65 евра мегават-час. Но никако не е над 100 евра, колку што е пазарната. Разликата, Владата продолжува да ја субвенционира, за да нема ценовен шок за домаќинствата и сите оние што се на пазарот којшто е регулиран“, изјави денеска Мицкоски
Дали цената на електричната енергија ќе се зголеми или ќе се намали, одлучува регулаторот, а Владата ќе продолжи со субвенционирање на сметките за струја за домаќинствата и за сите што се на регулираниот пазар.

Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали ќе има поскапување на струјата откако АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), како единствена пријавена компанија на повикот, му понуди цена на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ за три евра повисока од претходната.
„АД ЕСМ поднесе цена којашто ќе биде 65 евра за мегават-час, односно 3 евра по мегават-час повеќе од тоа што беше во минатото. Ако во минатото беше 62, сега е за отприлика 4 проценти повеќе односно 65 евра мегават-час. Но никако не е над 100 евра, колку што е пазарната. Разликата, Владата продолжува да ја субвенционира, за да нема ценовен шок за домаќинствата и сите оние коишто се на пазарот којшто е регулиран“,
рече премиерот.
Во однос на цената на струјата што треба да произлезе од новите пресметки, Мицкоски рече за неа одлучува Регулаторната комисија за енергетика, додека „ЕВН хоум“ е снабдувачот што ја има јавната набавка за целата следна 2026 година.
Говорејќи во контекст на темата, Мицкоски рече дека како влада биле критикувани од дел од јавноста, но и од Европската комисија во последниот Извештај за напредокот на земјава, дека државата нема напредок во делот на либерализацијата на пазарот на електрична енергија со која се снабдуваат домаќинствата.
Мицкоски рече дека тие јасно кажале дека таков чекор нема да преземат бидејќи ако го применат тогаш цената на електричната енергија нема да биде 62, 65 евра, туку ќе биде повеќе од 100 евра за домаќинствата.
„И тогаш вкупната цена за домаќинствата ќе поскапи за дури фантастични 50 проценти. Ние рековме дека тоа нема да го преземеме со целиот политички ризик којшто го имаме како влада и ќе продолжиме и понатаму да ја субвенционираме цената на електричната енергија за домаќинствата и сите оние потрошувачи коишто се на регулираниот пазар“,
рече премиерот.

Која ќе биде крајната цена, односно дали струјата ќе поскапи или ќе поевтини ќе одреди регулаторот откако ќе ја добие цената од снабдувачот на домаќинствата и другите корисници што се на регулираниот пазар, како и трошоците што ги имаат дистрибутерот, пренос операторот и конечно трошоците за организирање на пазарот на електрична енергија.
„Сите овие калкулации, кога ќе бидат направени, тогаш регулаторот ќе ја одреди конечната цена којашто ќе ја плаќаат граѓаните“,
кажа премиерот.
