Премиерот рече дека остава институциите да испитаат и да ја кажат точната причина за труењето на учениците – дали е од храната што ја консумирале или од нешто друго
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека неговиот помал син Антониј е меѓу учениците на ОУ „Димо Хаџи Димов“ во скопско Влае кои пројавиле симптоми на труење, но вели дека сега е во добра состојба. Демантира дека детето било во тешка здравствена состојба и дека е хоспитализирано.

„Беше во состојба во која беа и сите други дечиња. Некои медиуми пренесоа дека е во тешка состојба, дека е хоспитализиран, но морам да признам дека тоа не е вистина. Инаку, да, и тој беше жртва на тоа труење. Три дена примаше инфузија, не одеше на училиште. Тој е храбро момче, пргаво, динамично, сака да се дружи. Претпоставувам дека во жарот на тоа дружење тој ден сите биле на ручек и консумирале иста храна“,
изјави Мицкоски во одговор на новинарски прашања.
Премиерот рече дека остава институциите да испитаат и да ја кажат точната причина за труењето на учениците – дали е од храната што ја консумирале во училиштата кујна или од нешто друго.
„Колку што знам, Агенцијата за храна и ветеринарство и Институтот за јавно здравје ги прават тие неопходни испитувања, така што еве да почекаме, да не даваме суд. Инаку, син ми веќе денеска е подобар и се надевам дека од понеделник ќе се врати заедно со неговите другарчиња на училиште“,
додаде Мицкоски.
По информациите за масовно труење на ученици во Основното општинско училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопско Влае, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) направија вонреден инспекциски надзор во училиштето. Според најавите, денеска треба да бидат познати причините поради кои се јавиле стомачните тегоби кај учениците.
Претходно денеска, ЈП „Водовод и канализација“ објави дека направените анализи на земените примероци од водата во училиштето покажале дека таа е исправна за употреба.
