Висок водостој во моментов има во сливот на реката Брегалница, како и нејзините притоки, во сливот на Крива Река и Пчиња, како и во сливот на реката Струмица, заедно со притоките. Во текот на денешниот ден, пак, се очекува да останат високи водостоите во овие сливови, а на одредени места можно е да има локални излевања или заезерување на водата
Жолто ниво на предупредување поради потенцијална опасност од поплави, издаде Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Оттаму апелираат и на претпазливо движење покрај реките и суводолиците, особено на оние во југоисточните, источните и североисточните делови на земјата.

„Во текот на ноќта има значително зголемување на водостоите во југоисточниот, источниот и североисточниот дел од земјата. Висок водостој моментално има во сливот на реката Брегалница, како и нејзините притоки, во сливот на Крива Река и Пчиња, како и во сливот на реката Струмица, заедно со притоките“,
велат од УХМР.
Во текот на денешниот ден, пак, се очекува да останат високи водостоите во овие сливови, а на одредени места можно е да има локални излевања или заезерување на водата.
И новото на реката Вардар е високо, особено во нејзиниот горен дел од течението.
Сепак, во западниот дел од земјата се очекува помал прираст на водостоите поради студеното време во тој регион и поради тоа што на планините врнежите ќе бидат во вид на снег.
„Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците во земјата, пред се, на оние во југоисточните, источните и североисточните делови на земјата“,
пишува во соопштението од УХМР.
Синоптичарите издадоа и портокалов метеоаларм за обилни врнежи од дожд во источните делови од државата, каде се очекува да наврне над 35 литри на метар квадратен.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6 степени, а максималната од 3 до 9 степени.
И во главниот град ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд. Во повисоките делови на котлината врнежите ќе бидат и од дожд и од снег.
Од недела се очекува стабилизирање на времето. Утринските температури ќе бидат ниски, но дневните во пораст.
