Од јули до септември годинава се склучени 3 514 брака, што е намалување за 2,8 проценти во споредба со истиот период лани. Во овој период се регистрирани и 470 разведени брака, што, пак, е зголемување од 27,7 проценти во однос минатата година
Државниот завод за статистика (ДЗС) регистрира помалку склучени, а повеќе разведени бракови во третото тримесечје од годинава, односно од периодот од јули до септември.

Во овој период, според податоците на ДЗС, се склучени 3 514 брака, што е намалување за 2,8 проценти во споредба со бројот на склучени бракови во истиот период минатата година.
Од јули до септември годинава се регистрирани и 470 разведени брака, што, пак, е зголемување од 27,7 проценти во однос на бројот на разводи во овој период лани.
Во јули годинава премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата сериозно размислува да воведе дополнителни даноци за немажените и неженетите граѓани во државата. Tој ова го кажа во контекст на демографските предизвици со кои се соочува државата и намалениот наталитет од година во година.
На ваквата најава остро реагираше опозицискиот СДСМ, но и Мрежата за заштита од дискриминација, од каде што порачаа дека бракот треба да биде избор, а не даночна обврска за граѓаните.
Неколку дена подоцна Мицкоски изјави дека нема да се воведува данок за немажени и неженети граѓани. Појасни дека неговата претходна изјава била со цел да се поттикне јавна дебата за, како што рече, исклучително загрижувачката демографска рецесија и за намалувањето на бројот на склучени бракови во земјава.
