„Прашањето е дали намерно ДПМНЕ им го направи ова на пензионерите? Факт е дека методологијата за усогласување на пензиите ќе донесеше повеќе пари кај пензионерите, а немаше да ја доведе во прашање одржливоста на Фондот каде што дупката е над една милијарда евра“, посочуваат од СДСМ
Владата на Христијан Мицкоски создаде тотален хаос со исплатата на пензиите. Освен што ги излажа пензионерите, сега се обидува вината да ја префрли на некој друг. Ако власта на ВМРО-ДПМНЕ доставила во Собранието закон кој е неуставен, не може некој друг да биде крив освен тие што го поднеле, реагираат денеска од СДСМ.

„Прашањето е дали намерно ДПМНЕ им го направи ова на пензионерите? Факт е дека методологијата за усогласување на пензиите ќе донесеше повеќе пари кај пензионерите, а немаше да ја доведе во прашање одржливоста на Фондот каде што дупката е над една милијарда евра. Дополнително, ДПМНЕ исклучи 12 000 пензионери од усогласувањата и зголемувањата на пензиите согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
Оттаму потсетуваат дека веќе има одлука на Комисијата за заштита од дискриминација која потврдува дека е сторена дискриминација и даваат рок за да направат измени на Законот кои сè уште не се поднесени.
„Веќе има и судски тужби кои ќе ја чинат државата многу. Со катастрофално лошите политики на ДПМНЕ дупката во Фондот за ПИОМ е над една милијарда евра, односно толку пари државата ќе префрла за да можат да се сервисираат секој месец пензиите. Ова е реалноста, а сè друго е спин од страна на власта“,
нагласуваат од најголемата опозициска партија.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера во Собранието, за време на седницата за пратенички прашања, рече дека Уставниот суд веќе донел одлука за укинување на законската одредба за линеарно зголемување на пензиите и веќе од наредниот месец најголемиот број од пензионерите ќе добиваат помали пензии.
Според Мицкоски, одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите веќе била потпишана од страна уставната судијка Добрила Кацарска, која пред Уставниот суд ја иницира оваа постапка, за оцена на уставноста на последните законски измени со кои пензионерите добија по илјада денари линеарно зголемување во септември, а исто толку треба и во март идната година.
Уставниот суд, пак, го демантира Мицкоски. Оттаму информираа дека не е донесена конечна одлука за предметот што се однесува на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во јавноста познато како линеарно зголемување на пензиите.
Оттаму укажаа дека на седница одржана на 19 ноември годинава, со мнозинство гласови, се изразило сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот.
Уставниот суд на 20 ноември соопшти дека е поведена постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кој беше воведено линеарно зголемување на пензиите.
Судот изрази сомнеж дека оваа одредба може да ги наруши уставните принципи на социјална праведност, еднаквост и правна сигурност бидејќи сите пензионери добиваат исто покачување без оглед на стажот и уплатените придонеси.
Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Судот ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано.
