„Јас не учествувам во преговорите, но можам да ви кажам дека се водат разговори што го поплочуваат патот. Ме охрабри тоа што гледам дека активно разговараат за отпочнување на процесот. Не е потребен само еден глас за Уставот“, кажа таа
Се осврна и на состојбата во правосудниот систем, но и на односот на премиерот Христијан Мицкоски кон Обвинителството. Рече дека воопшто не и се допаѓа состојбата во судството, како и дека сака да види помалку зборување од страна на премиерот, а повеќе дејствување во рамките на судството
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер е убедена дека се работи на прашањето за уставните измени, што треба да го откочат процесот за членство во Европската унија. Ова таа го кажа во гостување на ТВ21, посочувајќи дека се работи за сложен процес, но дека се работи за негово отпочнување.

„Сто проценти сум сигурна дека се работи на уставните измени“,
рече таа.
На новинарско прашање дали тоа значи оти не се согласува со оние што велат дека Владата не презема ништо за уставните измени, таа одговори:
„Да, не верувам“.
Откако новинарот повторно и постави потпрашање дали не верува или не се согласува, таа посочи дека знае оти работат напорно во Брисел и во другите европски престолнини за да изнајдат решенние.
Според неа, процесот е сложен, но се работи на негово отпочнување.
„Секогаш сум зборувала дека навистина верувам оти оваа држава мора да биде во Европската унија, и за да се случи тоа мора да се испочитуваат процеси. Јас не учествувам во преговорите, но можам да ви кажам дека се водат разговори што го поплочуваат патот. Ме охрабри тоа што гледам дека активно разговараат за отпочнување на процесот. Не е потребен само еден глас за Уставот“,
вели американската амбасадорка во земјава.
Потоа, се осврна и на состојбата во правосудниот систем, но и на односот на премиерот Христијан Мицкоски кон Обвинителството.
Посочи дека Соединетите Американски Држави (САД) досега инвестирале половина милијарда евра во судството, но резултатите не се на ниво на очекувањата.
„Воопшто не ми се допаѓа состојбата во судството. Сакам да видам помалку зборување од страна на премиерот, а повеќе дејствување во рамките на судството“,
кажа таа, додавајќи дека задржувањето на факусот на јавни изјави не ги решава системските проблеми.
Иако премиерот не треба директно да избира обвинители, како што рече, сепак има политичка одговорност да обезбеди функционален систем.
„Политичарите зборуваат за многу работи, тоа е дел од нивната улога. Но, на крајот, кога се гледаат резултатите, се заклучува дека има застој“,
вели Агелер.
Нагласи дека ја охрабрило неодамнешното апсење поврзано со злоупотребите на ИПАРД-фондовите, но нагласи дека одговорноста не може да се сведе на една личност.
„Инвестиравме многу години и многу пари. Сега луѓето од оваа држава и од оваа влада треба да се покажат на дело“,
кажа амбасадорката.
Токму институциите, додаде таа, треба да бидат двигателот на реформите, а не политичките препукувања.
Смета дека во земјава има политичко влијание врз судството, но изрази оптимизам дека ќе дојдат луѓе со добра волја и нема да паѓаат под политички притисок.
„Сигурна сум дека ќе дојде време кога луѓето со добра волја ќе речат: Не ми е гајле кој се јавува, ќе ја завршам работата. Навистина многу ме лути ова. Лесно е некој да каже дека не може да си ја работи работата затоа што политиката меша прсти. Нели би било добро, судија или обвинител да кажат дека почувствувал политички притисок, но дека нема да потпадне под тоа“,
рече таа.
Според неа, треба да постои систем што ќе се погрижи судството да ја има потребната поддршка и секој да си ја врши својата работа.
„Не велам дека треба да се отпуштат луѓето. Луѓето знаат и гледаат колку долго траат судските процеси. Сакам луѓето во државата да си ја работат својата работа. Секој својата. Дали се работи за полицијата, за финасиската полиција, секој трееба да си работи“,
кажа таа.
