Според директорката на Институтот, Марија Андоновска, попладнево, а и во текот на целата вечер ќе се вршат анализи на сите примероци што се земени од вработени во училишната кујна, од работните површини, како и на мостри од храна и вода
Како што дознава „360 степени“, меѓу основците што побарале помош во Клиничкиот центар е и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски, кој учи во ова училиште. Синот на премиерот бил хоспитализиран два дена, но веќе е пуштен на домашно лекување
Првичните информации за причините за стомачните тегоби кај учениците од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопско Влае ќе се знаат утре, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а пренесува МИА.

Ова го потврди и директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, посочувајќи дека попладнево, а и во текот на целата вечер ќе се вршат анализи на сите примероци што се земени од вработени во училишната кујна, од работните површини, како и на мостри од храна и вода.
Иако за некои испитувања, како што додаде, е потребно време, сепак најави дека првичните информации за тоа што се случило и зошто децата добиле стомачни тегоби и симптоми на повраќање ќе се знаат во текот на утрешниот ден.
Ова следува откако вчера неколку ученици од тоа училиште се пожалија на стомачни тегоби и симптоми на труење и побараа лекарска помош.
Поради тоа, инспекциски служби од ИЈЗ, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска почнаа со вонреден инспекциски надзор во училиштето.
ДЗСИ ја затвори кујната во училиштето како потенцијален извор на зараза. Директорот на ДЗСИ, доктор Кирил Лазов, посочи дека се наредени вонредно чистење и вонредни здравствени прегледи на вработените во училиштето, а земени се и мостри од работните површини. Според него, ќе мора да се почекаат официјалните резултати.
„ДЗСИ спроведува вонреден координиран инспекциски надзор по добиено известување од одделението за епидемиологија на ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје за појава на стомачни тегоби кај ученици од ОУ ‘Димо Хаџи Димов‘ од Скопје, согласно Националниот протокол за постапување на надлежните институции во случај на сомнение и појава на алиментарни инфекции и интоксикации“,
кажа тој.
Директорот на Детската клиника во Скопје, Реџеп Мемеди, во изјава за „360 степени“ денеска информира дека двајца ученици од ова училиште се хоспитализирани во установата.
Според него, децата се во стабилна здравствена состојба, а биле примени со стомачни тегоби и со повраќање.
Првите деца со слични симптоми уште синоќа побарале помош на клиниката.
„Синоќа за преглед дојдоа седум ученици од ова училиште. Пет деца беа пуштени, а две задржани на лекување. Од тие две деца денеска едно беше пуштено дома. Денеска, пак, дојде уште едно 11-годишно, дете кое е задржано на лекување“,
рече Мемеди.
Како што дознава „360 степени“, меѓу основците што побарале помош во Клиничкиот центар, е и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски, кој учи во ова училиште. Синот на премиерот бил хоспитализиран два дена, но веќе е пуштен на домашно лекување.
Голем број ученици од различни одделенија денеска беа отсутни од настава во ОУ „Димо Хаџи Димов“. И оние што беа дојдени, родителите и блиските си ги прибираа дома порано поради сомнежите за труење во училиштето.
Поврзани вести:
- Двајца ученици од „Димо Хаџи Димов“ се хоспитализирани на Детската клиника – здравствената состојба им е стабилна
- Андоновска: Екипата на ИЈЗ сè уште е во „Димо Хаџи Димов“, земени се брисеви од вработените во кујната и мостри од храна и од водата
- ДЗСИ ја затвори кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, повеќе деца се јавени на преглед
- Вонреден инспекциски надзор во скопското ОУ „Димо Хаџи Димов“ откако поголем број ученици пројавиле стомачни тегоби
