Таа во своето обраќање на 8. пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК), што денеска се одржа во Собранието, порача дека ова е конзистентна позиција на Холандија од самиот почеток и дека владеењето на правото е клучна точка во пристапувањето кон ЕУ
Во однос на уставните измени, претседателот на Собранието на настанот кажа дека уставните измени се меѓу главните забелешки во извештајот и оти несомнено остануваат и главен предизвик во оваа фаза од процесот. Но, како што додаде, ниту едно билатерално прашање не смее да стане пречка на европскиот пат на земјава
Уставните процеси и билатералните теми создадоа значителни политички тензии, но сакам повторно да подвлечам дека ниту едно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот европски пат. Ние остануваме подготвени за принципиелен дијалог со сите соседи, а напредокот на Албанија и Црна Гора е доказ дека политиката на проширување на Европската Унија (ЕУ) е жива и дека нашиот регион може да се движи напред, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши во своето обраќање на 8. пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК) под мотото „Реформи од другата страна на реториката: Регионални предизвици на патот кон Европската Унија“.

За земјава, како што кажа Гаши, ова е момент на мотивација, а не за притисок.
Во својот говор, во салата под големата купола на зградата на законодавниот дом, собранискиот спикер во поголемиот дел се задржа на Извештајот на Европската комисија за С Македонија, осврнувајќи се на позитивните оценки во него, но и на нотираните забелешки во делот на реформските процеси и уставните измени.
„Свесни сме дека на една ваква дебата ќе се слушнат незадоволства и критики, како кон Собранието, така и кон владите, па дури и кон Европската Унија. Веќе дел од секојдневниот политички дискурс е и адресирањето на виновникот. Има такви кои ќе го насочат прстот кон пратениците, со претпоставката дека тие го блокираат европскиот пат со тоа што не гласаат за уставните измени; има други кои вината ќе ја бараат кај Владата, со претпоставка дека не го поставила потребното темпо за европските реформи; додека друг дел ќе го покрене и прашањето за гаранциите и двојните стандарди, барајќи сигурност од соседите и од Европската Унија. И можам да кажам дека сите овие сегменти се нормален дел на една функционална демократија“,
рече Гаши.
Сепак, како што наведе тој, негова должност како претседател на Собранието е да потсети дека РС Македонија го достигнала нивото на институционална зрелост и дека јасно се одлучила за својот стратешки интерес.
„Тука сум да уверам дека стратешкиот интерес на Република Северна Македонија е јасен и непоколеблив – нашата иднина е во Европската Унија“,
кажа тој.
Говорејќи за конкретниот настан, Гаши рече дека на него гледа како на неопходен форум за аргументирана дебата и за изнаоѓање решенијата кои го зајакнуваат демократскиот и институционалниот напредок на државата.
Во овој контекст тој се осврна на Извештајот на Европската комисија на напредокот на земјава за 2025 година. Рече оти е задоволен што во него работата на Собранието е оценета како задоволителна, но во однос на зебелешките за политичката поларизација, употребата на брзи постапки, потребата од зајакнување на парламентарниот надзор, како и вклучувањето на граѓанското општество, тој кажа дека претставуваат јасна насока за подобрување на нашата работа.
Овие наводи во извештајот, рече Гаши за него не биле изненадување.
Тој упати повик до Владата и до колегите пратеници да избегнуваат предлагање и носење закони по скратена постапка.
„Да го прошириме дебатниот простор и да ја подигнеме политичката култура. Европската интеграција не се мери според брзината на постапките или наративите што ги споделуваат, туку според квалитетот на реформите и довербата што институциите ја уживаат кај граѓаните“,
кажа претседателот на Собранието.

Во однос на уставните измени, тој кажа дека тие се меѓу главните забелешки во извештајот и оти несомнено остануваат и главен предизвик во оваа фаза од процесот. Но, како што додаде, ниту едно билатерално прашање не смее да стане пречка на европскиот пат на земјава.
Тој своето обраќање го заокружи со пораката дека „нашиот натпревар не треба да се одвива во реториката, туку во изнаоѓање на заеднички решенија за заедничките интереси“.
Амбасадорката на Кралството Холандија во земјава, Озлем Џанел, која, исто така, имаше свое обраќање на настанот, рече дека извештајот на ЕК јасно дал до знаење каде државите кандидатки за членство напредувале, а каде нема напредок.
Во однос на земјава рече дека Холандија го дели ставот со Европската комисија дека уставните измени треба да се донесат и да се заврши спроведувањето на потребните реформи во клучните области.
„И затоа мојата главна порака е ајде да не губиме скапоцено време. За Северна Македонија клучниот предизвик е да се отклучи формалниот почеток на преговори. Ние го делиме мислењето со ЕК дека овие уставни измени треба да се извршат и спроведат и посебно за Македонија и за регионот е важно да се заврши спроведувањето на потребните реформи и конкретните области се владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, но и реформите во јавната администрација“,
рече Џанел.
Таа нагласи дека ова е конзистентна позиција на Холандија од самиот почеток и дека владеењето на правото е клучна точка на пристапувањето во ЕУ.
Холандската амбасадорка рече дека, исто така важен предизвик е и забрзувањето на економскиот раст приближувањето на регионот до стандардите на Европската Унија.
„Сите држави во регионот се соочуваат со јазови во пазарот на трудот, поголема миграција на младите, дополнително државите се многу зависни од увоз на енергија и имаат јазови во инфраструктурата.Овие предизвици не можат да се решат веднаш, но важно е да се нагласи дека не треба повеќе да се губи време“,
рече холандската амбасадорка.
Во однос на реформите, на идентична линија со Џанел беше и амбасадорката на Словачка во земјава, Ивета Хрицова, која кажа дека реформите се од клучна важност за европските интеграции, а дека владеењето на правото е клучна точка на пристапувањето во ЕУ.

Словачката амбасадорка кажа дека заедно со државите членки на ЕУ цврсто стои зад земјава, истакнувајќи дека освен силната поддршка и техничката и финансиска помош, го споделува и искуството што тие го стекнале на својот пат кон ЕУ.
„Јас сум свесна дека одлуките што ви претстојат се политички и екстремно чувствителни, и многу сложени и многу тешки да се искомуницираат на граѓаните. Меѓутоа, тие исто така претставуваат можност. Секој чекор што зголемува транспарентност и го подобрува владеењето е чекор кон побезбедна и проевропска иднина за вашата држава. На денешната сесија гледам како на можност повторно да се афирмира споделената визија дека вашата држава припаѓа во европското семејство. Патот кон овие цели почива на соработката помеѓу владата, експертите и граѓанското општество. И само преку таква соработка реформите можат да бидат трајни“,
рече амбасадорката на Словачка во земјава.
