Премиерот беше прашан дали Владата ја следи состојбата со нафтената индустрија во Србија и дали земјава ќе го активира продуктоводот, односно нафтоводот од Солун до Скопје и на тој начин да ја искористи ситуацијата со НИС, односно да го снабдува, на пример, јужниот дел на Србија со нафтени деривати и на тој начин Македонија да инкасира средства плус
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата не е акционерско друштво за да ја снабдува Србија или некоја друга соседна земја со нафтени деривати, но тоа можат да го направат приватните компании доколку најдат интерес.

Мицкоски ова го кажа денеска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со ситуацијата во соседна Србија, каде поради санкциите на САД кон руските нафтени компании, земјата остана без производство на нафтени деривати. Нафтената индустрија на Србија (НИС), не може да се снабдува со сурова нафта, а рафинериите да произведуваат нафтени деривати сè додека мнозинските руски сопственици во НИС не ги продадат свои акции на трети страни или не се најде друго решение.
Имено, тој беше прашан дали Владата ја следи состојбата со нафтената индустрија во Србија и дали земјава ќе го активира продуктоводот, односно нафтоводот од Солун до Скопје и на тој начин да ја искористи ситуацијата со НИС, односно да го снабдува, на пример, јужниот дел на Србија со нафтени деривати и на тој начин земјава да инкасира средства плус.
„Нормално дека како Влада ја разгледуваме секоја можност, но ние како Влада не сме акционерско друштво за да ја снабдуваме јужна Србија или другите земји во регионот. Тоа го прават приватни компании, коишто водат бизнис“,
рече премиерот.
Во врска со продуктоводот, Мицкоски рече дека Владата ги спроведува сите чекори тој да почне да функционира до крајот на оваа година.
„Ние како држава ги спроведуваме сите чекори да тој продуктовод којшто долги години беше уништуван и конзервиран биде ставен во функција. Траат испитувањата, мислам дека се веќе завршени, треба да почнат пробите на притисок, ако веќе не се и почнати. Знам на Влада помина и ценовникот, така што очекувам оваа година да биде тој продуктовод ставен во функција“,
рече премиерот.
Како што додаде, нивните активности во овој дел застануваат тука, а понатаму останува на компаниите „доколку најдат интерес понатаму да си преземат тоа што е нивна работа“.
„Ние како Влада тука застануваме, не можеме ние да го водиме бизнисот на сметка на приватните компании или акционарски друштва“,
рече премиерот, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на Националниот форум на Цивика мобилитас и Саемот на граѓански организации под мотото „Соработка помеѓу Владата и граѓанското општество“, што денеска се одржува во Клубот на пратеници во Скопје.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера во обраќање до јавноста рече дека има уште четири дена до целосен прекин на работата на Нафтената индустрија на Србија (НИС) доколку американската влада не ѝ ја одобри лиценцата за работа.

Вучиќ соопшти дека рафинеријата во Панчево од го прекинува производството, односно дека нејзините погони се префрлени во процес на т.н. топла циркулација, со цел системот да остане функционален.
На 18 ноември НИС побара од Соединетите Американски Држави (САД) посебна лиценца за работа додека траат преговорите меѓу акционерите и заинтересираните страни за промена на сопственичката структура. Добивањето лиценца подразбира дека рафинеријата ќе продолжи да добива нафта додека траат преговорите за сопственичката структура во НИС.
Според него, затворањето на рафинеријата би го загрозило функционирањето на здравствениот систем, службите за итни случаи, како и снабдувањето на трговските синџири и функционирањето на транспортниот систем.
Вучиќ рече дека во Владата имало гласови дека НИС треба да се национализира, но оти неговиот предлог, што го усвои Владата, е да се дадат уште 50 дена за да се најде нов купувач за НИС.
„Но, ако нема продажба на НИС ниту по 50 дена, немаме избор и ќе мора да ја воведеме нашата администрација и да им ја понудиме највисоката можна цена на нашите руски пријатели“,
рече Вучиќ, додавајќи дека САД барале негов збор дека ќе има трансакција на акции во НИС и во писмена и во усна форма.
Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, најави дека денеска ќе биде предложен амандман на предлог-буџетот за 2026 година, со кој ќе се предвидат околностите во кои Србија би морала да ја преземе Нафтената индустрија на Србија (НИС).
НИС е под санкции на Соединетите Американски Држави од 9 октомври поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво, што ја остави рафинеријата за нафта во близина на Белград без сурова нафта за преработка.
Сопственичката структура на НИС е променета неколку пати, но компанијата сè уште е во мнозинска сопственост на Русија. Во 2008 година Србија ѝ продаде 51 процент од акциите во НИС на руската државна компанија „Газпром нефт“ за 400 милиони евра.
