Од претпријатието потсетуваат дека напуштањето домашни миленици, во конкретниот случај кучиња, е кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните. Сепак, како што додаваат, за ваквите случаи не постојат предвидени прекршочни мерки кои би ги санкционирале сопствениците што свесно ги напуштаат своите миленици
Јавното претпријатие „Лајка“ информира за континуирана и загрижувачка појава на кучиња пронајдени на улица со активен микрочип. Ова значи дека станува збор за кучиња кои имаат индентификувани сопственици, кои ги напуштиле и оставиле на улица, а дел од нив, како што информираат од претпријатието одбиваат да ги преземат, оставајќи ги во „Лајка“.
Со тоа, како што велат оттаму, се создава дополнителен притисок врз капацитетите на прифатилиштето.

Претпријатието објави фотографии од девет кучиња, како што велат, биле заловени во последниот период, а кои имаат сопственик што свесно и несоодветно ги напуштил.
„Секое од овие кучиња е потенцијален производител на нови легла на улица – што води до зголемување на бројот на напуштени миленици, нови генерации кои ќе страдаат и уште поголеми проблеми за заедницата“,
се вели во соопштението од прифатилиштето.
Оттаму потсетуваат дека напуштањето домашни миленици, во конкретниот случај кучиња, е кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните. Сепак, како што додаваат, за ваквите случаи не постојат предвидени прекршочни мерки кои би ги санкционирале сопствениците што свесно ги напуштаат своите миленици.
Кучињата со микрочип, кои се оставени да талкаат, завршуваат во прифатилиштето „Лајка“, од каде предупредуваат дека станува збор за системски проблем што мора да се решава.
Од претпријатието упатуваат порака до несовесните сопствениците, во која велат, дека ако не можат повеќе да се грижат за своите миленици, должни се да најдат соодветно решение, а не да ги оставаат на улица.
„И покрај недостатокот на законски механизми, мора да постои минимум етичка обврска кај секој сопственик. Ако сте ја презеле одговорноста да чувате куче, оставате трага: микрочип, име, адреса. Но оставате и обврска. Доколку повеќе не можете да се грижите, должни сте да најдете соодветно решение: да контактирате прифатилиште, да побарате помош, да најдете нов дом, но никогаш да не го оставите миленикот на улица“,
велат од ЈП „Лајка“.
Оттаму додаваат дека претпријатието ќе продолжи да постапува во рамките на своите надлежности, но посочуваат дека оставањето миленици на улица покажува колку е неопходно подобрување на системските решенија и јакнење на свеста за одговорно сопствеништво.
„Напуштањето не е опција. Секој микрочип носи одговорност – за кучето, за заедницата, за сите нас“,
порачуваат од ЈП „Лајка“.
