За повереник во Општина Маврово-Ростуше, Владата го именува Онер Јакупоски, во Центар Жупа за повереник е именуван Аријан Ибраим, Буњамин Кадриу е именуван за повереник во Општина Врапчиште, а повереник во Гостивар е Фадил Џелили
Владата на денешната седница именува повереници во четирите општини во кои изборите за градоначалник не успеаја. Изборите во Маврово-Ростуше, Гостивар, Врапчиште и Центар Жупа беа неуспешни бидејќи немаше цензус, односно на гласање не излегоа барем 33,33 отсто од запишаните избирачи.

За повереник во Општина Маврово-Ростуше, Владата го именува Онер Јакупоски, кој на локалните избори беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник во оваа општина.
Во Центар Жупа за повереник е именуван Аријан Ибраим – кандидатот за градоначалник од редовите на Демократската партија на Турците во Македонија, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, кој се бореше за четврт мандат.
Буњамин Кадриу е именуван за повереник во Општина Врапчиште, а повереник во Гостивар е Фадил Џелили.
„Владата постапи по известувањето на ДИК за завршување на локалните избори. Во врска со условот од член 132 став 2 од Изборниот законик за избор на градоначалници на општините да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во избирачкиот список за соодветна општина не е исполнет во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово-Ростуше и Центар Жупа. Во однос на истото, согласно член 134, став 2, од Изборниот законик, Владата за вршење на работите од надлежност на градоначалник именува повереници во наведените општини“,
велат од Владата.
Оттаму додаваат дека согласно Изборниот законик, Владата за одлуката ќе го извести претседателот на Собранието заради распишување нови избори за градоначалник во овие општини.
