Инцидентот се случил во петокот, а МВР објави дека презема мерки за расчистување на случајот
Перев, деклариран Бугарин од земјава, објави дека остварил контакт со бугарската амбасада во Скопје од каде што му била понудена поддршка. По нападот лично разговарал и со шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев кој изразил жалење за настанот и му понудил институционална помош
Поранешниот новинар и публицист Владимир Перев (80), деклариран Бугарин од земјава, објави дека бил вербално и физички нападнат во маркет во Скопје. Во колумна објавена на порталот Трибуна.мк, Перев пишува дека бил нападнат од маж на 40-ина години кој заедно со него чекал во редот на касата во маркетот.

„Мажот излезе од редот, се сврте кон мене и на највисок глас почна да говори: ‘Вие Бугарите да си одите во Бугарија… од вашата гнасна бугарска уста не сакам да го чујам зборот Македонец… ако некогаш те чујам да проговориш за Македонец или за себе како Македонец ќе те убијам… ќе висиш обесен како сите фашисти’“,
пишува Перев во колумната.
По вербалниот, според пишувањето, следувал и физички напад. Мажот му пришол на Перев, го удрил и му ги скршил очилата, а тој се обидел да му се спротивстави и го удрил со чадор.
„Тој го фати чадорот и почна да вика на цел глас: ‘Видовте ли, видовте ли, тој ме напаѓа, ме нападна’“,
додава Перев.
Во тој момент на напаѓачот вербално му се спротивставиле двајца помлади мажи во маркетот, по што тој си ги зел купените работи и заминал.
Владимир Перев додава дека случајот го пријавил во полиција, а контакт остварил и со бугарската амбасада во Скопје од каде што му била понудена поддршка. Како што вели, по нападот лично разговарал и со шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев кој изразил жалење за настанот и му понудил институционална помош.
Инцидентот се случил во петокот, а полицијата објави дека презема мерки за расчистување на случајот.
„На 21.11.2025 во 21:30 часот во СВР Скопје, В.П. (80) од Скопје пријави дека во 21:05 часот во маркет на подрачјето на Центар во Скопје бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информираат од Министерството за внатрешни работи.
Во меѓувреме, со реакција за инцидентот се огласи Министерството за надворешни работи на Бугарија. Оттаму го осудија, како што наведуваат, уште едниот чин на насилство и омраза против Бугарин во Северна Македонија, поттикнат од актуелната социо-политичка атмосфера и антибугарска реторика.
Оттаму изразија очекување дека надлежните органи во земјава ќе преземат ефикасни мерки за истрага на случајот, оценувајќи го како тест за спроведување на законот и пристапот на државата кон злосторствата од омраза.
„Европскиот пат на земјата бара целосно и совесно спроведување на европскиот компромис од 2022 година, вклучително и почитување на заедничките вредности и гарантирање на правата на македонските Бугари“,
додаваат од МНР на Бугарија.
