Според „Европскиот фронт“, Владата претставила финансиски документ без стратегија, без реформи и без одговорност, за кој велат дека само ги продлабочува постојните кризи

Координаторката на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Рина Ајдари, го критикуваше предлог-буџетот за 2026 година нарекувајќи го „најслаб, најнеодговорен и политички најмотивиран буџет“ што земјата го видела во последните години.
Ајдари нагласи дека буџетот не е развоен, туку буџет на стагнација, клиентелизам и долг, создаден за да ја храни партиската администрација и да ја одржи власта.
Според „Европскиот фронт“, Владата претставила финансиски документ без стратегија, без реформи и без одговорност, за кој велат дека само ги продлабочува постојните кризи.
„Го зголемува јавниот долг и ја загрозува маркоекономската стабилност на државата. Овој буџет е симбол на недостиг од насока, од недостиг на фискална дисциплина, од недостиг на политичко дејствување, достоинство во владеење“,
рече Ајдари.
Таа додаде дека овој предлог-буџет го носи јавниот долг над 60 отсто од БДП, претворајќи ја државата во хроничен должник, го крши Законот за буџети, планирајќи дефицит од 3,5 отсто, над законската граница од 3 проценти, го намалува програмскиот развоен пакет од 11 милијарди на само 8 милијарди денари, парализирајќи го развојот на инфраструктурата и економијата.
Ајдари се повика на Извештајот за напредокот на Европската комисија за 2025 година и посочи дека во него јасно е истакнато оти Владата нема направено напредок во клучните реформи, го одложила фискалното консолидирање и одложила целосно спроведување на органскиот Закон за буџети.
„Ова е официјална оценка на Европската комисија и најјасниот доказ дека ниту Брисел веќе не ѝ верува на оваа влада во управувањето со јавните финансии“,
рече Ајдари.
Таа како забелешка го истакна и целосното бришење на Програмата за соодветна и правична застапеност, која, според неа, е уставна норма и темел на Охридскиот рамковен договор.
„Сега веќе нема финансиски средства за вработување што би ја поддржале правичната застапеност на Албанците и другите заедници, што беше и очекувано по одлуката на Уставниот суд за укинување на ‘балансерот’. Ова само потврдува дека оваа Влада наместо да го спроведува Охридскиот договор, ги подрива сите негови принципи“,
рече таа.
Коалицијата бара итна корекција на буџетот и вградување амандмани што гарантираат праведност и развој. Рече дека „Европскиот фронт“ за предлог-буџетот има поднесено 97 амандмани, кои, како што додаде, се јасни и конкретни.
Како што нагласи, овие барања не се политички, ниту партиски, туку барања на буџетска праведност, регионален развој и европска интеграција. Упати повик до Владата да престане со импровизации и да постапува одговорно.
