Мицкоски упати порака до градоначалниците да ги разгледаат можностите што ги нуди Ресурсниот центар, да ја користат поддршката, да побараат експертска помош таму каде постојат предизвици или недостиг на капацитети
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го промовираше отворањето на Ресурсниот центар за поддршка на општините во организација на Министерството за локална самоуправа, кој треба да обезбеди поддршка, експертиза и инструменти за подобра имплементација на децентрализацијата и рамномерниот регионален развој.
Со овој центар по првпат се креира ваков облик на соработка меѓу локалната и централната власт.

„Овој центар не е само нова институционална структура, туку јасен доказ дека Македонија ја гради својата иднина врз темели на современото управување, транспарентност и ефикасност“
рече Мицкоски на отворањето на овој Ресурсен центар.
Воспоставувањето на ова тело, како што посочи, е стратешка алатка со која се зацврстува имплементацијата на Националната развојна стратегија во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации и со поддршка на Владата. Покрај тоа, има за цел да ги адресира длабоките системски предизвици, преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура.
„Силни и функционални општини значат силна држава. Кога локалната самоуправа има знаење, капацитети и ресурси, таа е најблиску до граѓаните. Таа може најбрзо и најпрецизно да ги почувствува нивните потреби, да понуди решенија и да создаде заедници што напредуваат“,
кажа тој.
Според него, иако изминатите децении се правеле напори за развој на децентрализацијата, сепак, резултатите сè уште не се на нивото што го заслужуваат граѓаните, особено во делот на квалитетни јавни услуги, управување со ресурсите, како и во создавањето услови за локален економски развој.
Смета дека локалните власти се одговорни за многу клучни политики што секојдневно го допираат животот на граѓаните и затоа мора да бидат силни, стручни и ефикасни.
„Зајакнувањето на општините не е трошок, тоа е инвестиција. Инвестиција во подобар живот, во одржлив развој, во стабилност на локалните заедници и во функционална држава што знае каде оди и што гради. Само со силни општини можеме да ја изградиме Македонија која не само што ги следи европските стандарди туку ги живее“,
вели премиерот.
На крајот од излагањето, упати порака до градоначалниците да ги разгледаат можностите што ги нуди Ресурсниот центар, да ја користат поддршката, да побараат експертска помош таму каде постојат предизвици или недостиг на капацитети.
„Ова не е слабост, туку мудрост во управувањето“,
рече тој.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински рече дека Ресурсниот центар е местото што ги адресира потребите на општините, начините на нивно решавање, место што ќе понуди експертиза за секој нов предизвик.
Според него, централната и локалната власт се подготвени да продолжат да работат во партнерство за напредокот на секоја општина и за рамномерен развој на Македонија.
