Освен во сметководство, драматичен кусок на кадри има и кај информатичарите, кои се само четворица за цело Јавно обвинителство во државата, вели Коцевски. Ако одиме кон дигитализација, кој ќе го одржува тоа – прашува државниот обвинител

Не бараме повеќе пари за повисоки плати, туку за останатите потреби и трошоци на Јавното обвинителство. Ова го кажа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Коцевски: Еве, имаме предмет околу загрозување на животната средина. Се работи за предмет за мазут, во кој предмет се земени околу 300 примероци од сите цистерни, од секоја посебна цистерна, како примерок за вештачење. И сега, една тегла, тоа е во тегли, една тегла чини отприлика некаде околу 1 500 евра.
360°: Да се вештачи една тегла?
Коцевски: Да се вештачи една тегла – дали мазутот е квалитетен, дали не е квалитетен, дали содржи некакви отровни и такви материи.
360°: Значи, 300 по 1 500 – тоа се околу половина милион евра.
Коцевски: Отприлика. Е сега, ние што направивме? Ние ништо не злоупотребуваме или работиме надвор од законот. Зедовме само десетина тегли, десетина примероци по случаен избор, и ги пративме на вештачење во соседна земја, затоа што овде таква лабораторија и такво вештачење нема. Доколку сега тие покажат дека навистина има потреба и од другите, затоа што за да имаш докази, треба секој примерок да се вештачи, тоа се, по математиката, околу 450 000 евра. Овие пари, ние не сме некоја фабрика па да ги предвидиме за идната година дека можеме производство да имаме и строго да кажеме толку. Доколку не се потрошат парите за вештачења, тие ќе се вратат. Тоа од една страна. Од друга страна, сите вештачења, доколку обвинетиот се огласи за виновен, тој треба да ги плати трошоците по постапката. Што значи дека тие пари се враќаат во буџетот. Меѓутоа, никогаш ние не можеме да предвидиме конкретно за колку ќе имаме потреба од евентуални вештачења. Еве, за жал, во 2024 година имавме над 140 сообраќајки со смртни последици. Е сега, само стотина, ако земеме предвид дека морало да се врши обдукција, тоа сметајте дека е некаде околу 200 000 евра. Ние не можеме за наредната година да баратаме со такви цифри и со такви предвидувања.

Намалувањето во предлог-буџетот за Обвинителството за 2026 година е токму во ставката „договорни услуги“ со која се покриваат трошоците за вештачења и други истражни дејствија за кои зборува Коцевски.
„Токму кога беше ребалансот на буџетот, и тогаш јас бев во Собрание и го образложив тоа дека за предметот во Кочани, на толку многу жртви и толку многу со тешки телесни повреди, сè уште немаме конечна бројка колку ќе чини, меѓутоа некаде околу 200 000 евра нè чинеа тие вештачења. Тоа не можеш да го предвидиш. А, освен вештачењата, имаме и други тековни трошоци“,
вели Коцевски.
Освен ова, вели тој, Обвинителството има потреба и од нови вработувања. На прашањето дали е доволен аргумент за власта тоа што и со актуелниот буџет Обвинителството постои и испорачува резултати, Коцевски одговори дека функционираат со натчовечки сили.
Коцевски: Еве, само еден пример ќе ви кажам. Во Јавното обвинителство, тука во републичкото Јавно обвинителство, во сметководство, од десет вработени сега се тројца. Значи, ние не можеме во моментот да направиме завршна сметка.
360°: Зошто?
Коцевски: Затоа што нема лиценца вработениот. Во моментов, исто така во Основното јавно обвинителство Скопје, вработената замина во пензија. И сега се јавуваат проблеми. Како ние ќе направиме завршна сметка кога треба лиценца, требаат таму одредени процедури, да биде овластен итн. Минатата година направив договор за дело со пензионирана вработена во нашето Обвинителство за да направиме завршна сметка, меѓутоа оваа година нема желба. Тоа е само еден пример за проблемите со кои се соочуваме.
Коцевски во своите јавни настапи спомнува повеќе од илјада систематизирани места во јавнообвинителската служба, а вели дека сега работат со околу 350. Прашан дали бројката од една илјада не е предимензионирана, државниот јавен обвинител рече дека со старата систематизација имаат 1 126 места. Со новата систематизација што е во подготовка, решиле да намалат над сто и така ќе се дојде до бројката од околу илјада.
„Во моментов имаме околу 360 вработени, со тоа што, морам да нагласам дека последните година и пол, околу 40 веќе заминаа. Тоа е природен одлив, кој во пензија, кој на друго работно место итн., што значи дека јавнообвинителската служба сè повеќе и повеќе ни се намалува. Уште еднаш ќе нагласам, од 2024 година немаме вработувања. Јас барав секоја година по сто вработувања. Значи, не барав ни 300, ни 400, ни 500 вработувања, туку по сто вработувања, затоа што имаме природен одлив и да не биде тоа товар на буџетот. Овие три години, еве и за 2026 година, ниту едно вработување не ни е одобрено од Министерството за финансии“,
рече Коцевски.
На прашањето каде на друго место во јавнообвинителската служба е најкритично, освен во сметководството, Коцевски одговори – секаде.
„Значи, буквално, немаме доволно стручни соработници. Информатичари, најголем дефицит на информатичари. Имавме пет, останаа четири, сега можат да останат три. Зошто? Затоа што за нив, како и за секого, е пресуден личниот доход. Последниот информатичар овде имаше околу 40 000 денари плата, си замина на друго работно место и таму сега зема двојно. Е сега, ако имаме дигитализација, кој ќе го одржува тој систем? Не може со тројца информатичари, зборувам за цела држава, во целата држава за Јавното обвинителство во моментов имаме само четири информатичари. Замислете дали тие можат сè да постигнат“,
рече Коцевски.
